Почетна
Македонија

Студентите денеска на средба со Јаневска и Мицкоски – ќе разговараат за зголемување на студентскиот оброк

Дискусијата ќе се фокусира на барањето за зголемување на субвенцијата и на предлозите како ваучерски систем; СДСМ предлага зголемување од 140 на 200 денари.

·Македонија
Студентите денеска на средба со Јаневска и Мицкоски – ќе разговараат за зголемување на студентскиот оброк

Претставници на студентите денеска ќе имаат средба со министерката за образование и наука Весна Јаневска и со премиерот Христијан Мицкоски, а во фокусот ќе биде барањето за зголемување на сумата на субвенционираниот студентски оброк, потврди ресорната министерка.

Јаневска изјави дека очекува наскоро да се најде решение и ги опиша разговорите со студентските собранија.

„Имав средба со студентите, со претставници на студентските собранија на неколку универзитети, зборувавме за студентскиот оброк. Апсолутно сум сигурна дека решение ќе изнајдеме, но, гледам една мала дисонанца во континуитет на раководството на студентските собранија. Мислам дека не беа сосем доволно информирани за договорите што претходно сме ги имале со студентите и дека не сме имале никаков проблем во решавањето на студентскиот стандард и сите нивни потреби. Оттука, мислам дека сме блиску до изнаоѓање на решение“, изјави министерката Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања.

Предлог: ваучерски систем

Како едно од можните решенија, Јаневска го спомена ваучерскиот систем. Според тој предлог — кој бил разгледуван и со претходното студентско раководство — ваучерите би го ограничиле начинот на трошење на средствата, така што студентите ќе можат да ги користат во седвичари, пекари и ресторани, наместо за цигари, алкохол и други потреби.

Министерката предупреди и на двојното субвенционирање: студентите сместени во студентски домови веќе имаат обезбедена храна. „Дополнително би сакала да кажам дека имаме двојно субвенционирање на оброкот, затоа што студентите кои се сместени во студентски домови веќе имаат храна, но во ред е, ние сакаме да ги задоволиме потребите на нашите млади кои во иднина ќе ја водат оваа држава и ќе се договараме и понатаму со нив. Ќе видиме до кое решение ќе дојдеме и штом дојдеме до некаква решение, ќе бидете информирани“, изјави Јаневска.

Опозициската партија СДСМ најави дека преку амандмани на предложениот втор ребаланс на Буџетот ќе бара зголемување на сумата на субвенционираниот оброк од 140 на 200 денари. Во изјави на опозицијата се вклучи и Филипче: „Буџетот е во катастрофална состојба, ќе поднесеме амандмани за зголемување на минималецот и на студентскиот оброк.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи