Судење „Онкологија“: вкрстено испитување за критериуми на третман
Судот одржа расправа за клиничките параметри и документи испратени на вештачење во Словенија, а барањето за изземање на технички советник беше одбиено.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија“, при што Обвинителството го вршеше вкрстеното испитување на назначеното вешто лице за критериумите по кои биле оценувани квалитетот и ефикасноста на онколошките терапии. Во предметот обвинети се поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
На прашања на Обвинителството, д-р Владимир Даниловски опиша кои клинички параметри ги користел при изготвувањето на наодите и мислењата за поединечни пациенти. Вештото лице потврди дека при проценката било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од тоа.
На побарување да ги наброи клиничките параметри врз кои се темели проценката на квалитетот и ефикасноста на лечењето, д-р Даниловски ги наведе: вкупното преживување, преживувањето без прогресија, стапката на туморски одговор, контролата на болеста, безбедносниот профил на терапијата и квалитетот на животот на пациентот. Тој посочи дека тие критериуми се одразени во вештачењето.
Одбраната поведе приговори на дел од прашањата, тврдејќи дека кај поединечни пациенти вештото лице не направило споредба меѓу различни третмани за да се утврди дали некој бил подобар или полош. Судот не ги прифати приговорите, оценувајќи дека прашањата се поврзани со дадените наоди и мислења за конкретните пациенти и третмани.
Прашања за преводи и испратената документација
Бранителот Дељо Кадиев отвори прашање за документацијата што е доставена до вештите лица во Словенија и побара Судот да наложи доставување на преводи. „На 2 септември 2026 година до овој суд поднесов поднесок со којшто барам судот да го задолжи јавниот обвинител да достави одредени докази, односно преводите од македонски на словенечки јазик. Јавниот обвинител веќе две рочишта рече дека му е потребно повеќе време и се произнесе дека до наредните рочишта тоа ќе го стори. Но денеска сѐ уште не е доставено. Јас на судот му доставив и доказ дека на 1-ви јули 2026 година и директно се имам обратено до Јавното обвинителство. Дали се сите или комплетниот материјал од историите на болест е предаден заради вештачење на вештите лица од Словенија или пак е предаден делумно, делумен или селектиран материјал? Ова затоа што по извршениот увид е констатирано од страна на одбраната дека многу мал дел од историите на болест и за помали временски периоди е вештачен“ – истакна Кадиев.
Судијката Снежана Марковска објасни дека постапката за меѓународна правна помош со Република Словенија се одвива преку Министерството за правда и дека, согласно ратификуваниот меѓудржавен договор, писмените документи се доставуваат на јазикот на државата молител.
Јавната обвинителка Марија Ѓорѓева одржа став дека целокупната медицинска документација што е приложена во предметот била испратена на вештачење. „Сите истории на болеста со сите списи што се внатре, коишто се доставени како доказ во судот и коишто се прилог на обвинителниот акт, се доставени до вештото лице во Словенија. Значи историите на болеста со сите списи коишто се содржани во нив се доставени до вештото лице, се предадени на вештачење и сите тие се доставени во судот како доказ“ – нагласи обвинителката.
На почетокот на рочиштето судот го одби барањето за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески. „Се одбива барањето за изземање на техничкиот советник на обвинителството, д-р Милан Ристески, од причина што во однос на причините и основите наведени во поднесокот, а како судот со претходно решение еднаш веќе го прифати учеството на ова вешто лице како технички советник на обвинителството, истото во целост го испита во однос на сите пациенти на обвинението, а воедно ги изведе и како доказ техничките извештаи кои ова вешто лице ги има изготвено, имајќи ги предвид одредбите од член 238 став 1 од Законот за кривичната постапка во однос на делот од исказот на вештото лице, како и делот изменетите извештаи кои се однесуваат на поименично наведените пациенти за кои одбраната тврди дека биле лекувани од овој доктор, судот истото ќе го цени при донесување на одлуката за главната работа, односно при мериторното одлучување, откако претходно ќе ги испита наводите на одбраната од кои причини и присуството на овој технички советник на обвинителството и давањето на стручна помош на јавниот обвинител во оваа фаза од постапката, а од сите наведени причини судот ги дозволува“ – соопшти судијката Марковска.
Во предметот обвинети се Никола Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни. Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години.
Фото: прес-материјал од настанот


