Судење за пожарот во „Пулс“ во Кочани: родители – „Вистината не се реконструира според потребите на одбраната“
Одбраната изведе вешти лица; претставникот на родителите порача дека градежните интервенции и одговорноста не можат да се игнорираат по трагедијата од 16 март 2025.

Судењето за пожарот во дискoтеката „Пулс“ во Кочани денеска продолжи со изведување докази предложени од одбраната, додека претставници на семејствата на жртвите остро ги критикуваа обидите да се минимизираат градежните интервенции.
Спорот околу реконструкцијата и проценките на вештите лица
На рочиштето, вештото лице што го предложи првообвинетиот опиша работи на објектот како занаетчиски интервенции — челични столбови, метални конзоли за зајакнување на меѓукатната конструкција и промена на фасадата — и изјави дека немало формална реконструкција. Претставникот на родителите Александар Наунов го оспори тој став, посочувајќи дека таквото толкување не ги брише одговорностите поврзани со безбедноста и загубата на животи.
„Очигледно погрешно сме го разбрале Законот за градење – да градиме без одобрение, а потоа да тврдиме дека само занаетчиски сме работеле. А кога ќе се случи трагедија, тогаш тие што се на обвинителна клупа, велат дека не се одговорни. Дали токму ваквото толкување одбраната сака да го наметни пред судот? Правото на одбрана е неспорно, но градежните интервенции не исчезнуваат со нивно применување, ниту пак одговорноста се избегнува со игра на зборови. Овде не се работи само за градење и конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и 63 мртви деца, коишто никогаш нема да се вратат. Вистината не се реконструира според потребите на одбраната, таа се утврдува со доказите,“ изјави Александар Наунов, претставник на родителите чиј деца загинаа во пожарот во „Пулс“.
На претходното рочиште, Обвинителството го крстено го испрашуваше вештакот Петре Русески, кој остана на ставот дека објектот не претрпел реконструкција или пренамена, туку само ентериерно уредување. Обвинителството ја оспори неговата струченост и познавањето на Законот за градење, додека одбраната побара прашањата да се фокусираат на неговиот наод.
Одбраната најави и можност за супервештачење доколку се утврдат несовпаѓања меѓу наодите на двете страни.
Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК, настрадаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Фото: прес-материјал од настанот


