Почетна
Македонија

Судењето за „Онкологија 2“ почна од почеток, Васев и Нухи негираа вина

Рестарт на процесот по промена на член во судечкиот совет; обвинението тврди дека буџетот е оштетен за околу 36 милиони евра.

·Македонија
Судењето за „Онкологија 2“ почна од почеток, Васев и Нухи негираа вина

Судењето за „Онкологија 2“, што се води против поранешниот медицински и поранешниот економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, денес повторно почна од почеток во Основниот кривичен суд Скопје поради промена на составот на судечкиот совет.

Случајот го води судијката Славица Наумова‑Јосифовска, но рочиштето беше рестартирано оти е заменет еден од членовите на советот. Истиот случај беше почнат од почеток и во ноември 2025 година поради промена во составот на поротниците; тогаш странките се согласија веќе изведените материјални докази и сослушани сведоци да се прочитаат во записник, без да се повикуваат повторно.

Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт во јуни 2025 година. Според обвинението, Васев и Нухи злоупотребиле положба, измамиле и извршиле проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година — наводно нелегално набавувале лекови, ги прикривале трансакциите преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Покрај тоа, против Васев и уште двајца онколози се води посебен предмет „Онкологија 1“ за наводно несовесно лекување пациенти.

Застапник на обвинението на денешното рочиште беше Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, која изјави дека останува на веќе изнесените воведни зборови пред судот.

Обвинетите повторно негираа вина. "- Не. Не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар - изјави првообвинетиот Васев пред судот.

- Не во јазична форма. Не ми е јасен обвинителниот акт и не знам зошто сум обвинет бидејќи овој обвинителен акт нема врска со моето работење на Клиниката - изјави Нухи.

Во воведниот говор одбраната на Васев, преку адвокатот Боби Спирковски, рече дека обвинението не се темели на реални докази туку на претпоставки и вештачки конструкции и побара ослободителна пресуда поради недостаток од докази. "- Одбраната ќе докаже дека основано сомнение за делото што му се става на товар на Васев не може да постои поради системски пречки и тоа се легитимни административни дејства и делата што му се ставаат на товар не можел да ги стори. Нема докази на директна умисла или стекната имотноправна корист - изјави адвокатот Боби Спирковски.

Адвокатката на второобвинетиот, Анета Бегова, реагираше на новопредложените докази од обвинителството и посочи дека истите материјали порано биле основа за притвор на обвинетите. "- Не знам зошто сега не чини, ако се знае дека овие луѓе беа во притвор 13 месеци врз основа на овој доказен материјал. Зошто сега овој доказен материјал не чини и се поднесува нов. За мене, 13 месеци притвор не е мерка, туку казна - изјави Бегова.

Судот информираше дека на минатото рочиште му била доставена листа на дополнителни докази од обвинителството — финансиско‑материјална документација, барања и дописи од Клиниката за радиотерапија и радиологија, Министерството за здравство, Фондот за здравство и повеќе добавувачи.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи