Судењето за пожарот во „Пулс“: 49 рочишта досега, одбраната најави 244 сведоци
На 14 септември Јавното обвинителство заврши со докази; притворот на првообвинетиот Дејан Јованов - Деко истекува на 3 октомври.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се одвива без одлагања: досега одржани се 49 рочишта, а ниту едно не е одложено, информира Основниот кривичен суд Скопје.
Од вкупно 49 рочишта, 40 се одржани годинава, а до крајот на 2026 се закажани уште 15 рочишта, соопштија на денешниот брифинг во Основниот кривичен суд Скопје.
На 14 септември Јавното обвинителство го заврши изведувањето на доказите. Изведени се 1 390 материјални докази и сослушани се 45 сведоци и пет вешти лица.
Притвор и докази на одбраната
Од 1 октомври со изведување на докази продолжува одбраната, која најави 244 сведоци. Притворот на првообвинетиот Дејан Јованов - Деко законски истекува на 3 октомври. Одбраната најави дека ќе поднесе гаранција во имот од околу 200 илјади евра, иако тоа не е задолжително.
Судот посочи дека без мислење од Јавното обвинителство не може да донесе одлука. "- До денеска не се вратени од ОЈО. Нема мислење и ние не можеме да одлучиме. На 3 октомври истекува. Ќе почекаме до петок - информираа на брифингот во Кривичен суд."
Случајот е во доказна постапка пред судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени — една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Фото: МИА


