Судски совет го избра Субхи Јакупи за претседател на Управниот суд
Членовите на Судскиот совет ја пофалија програмата и искуството на Јакупи, додека Сузана Јошевска беше против поради недостаток на стаж во судот.

Судскиот совет на денешната седница го избра судијата во Вишиот управен суд, Субхи Јакупи, за нов претседател на Управниот суд.
Изборот и реакции
При застапувањето за изборот, повеќе членови на Советот го истакнаа неговото раководно искуство, работата во Вишиот управен суд и квалитетот на програмата што ја презентирал. Исамедин Лимани оцени дека Јакупи добро ќе раководи со судот, а Ивица Стефановски како аргумент ја наведе правичната застапеност.
Данка Ристова посочи дека неговата програма се издвојува од останатите и во неа се препознава неговото учество во конституирањето на управното судство, при што биле јасно лоцирани и слабостите во системот. Поддршка дојде и од Садула Изаири, кој се повика на програмата, личните квалитети и претходното искуство, како и од Џенета Бегтовиќ, која нагласи дека Јакупи бил заменик-претседател на Вишиот управен суд и така стекнал значително искуство во управување со судска институција.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ се приклучи на позитивните оценки, а Тања Чачарова-Илиевска нагласи дека седумгодишното искуство во Вишиот управен суд е доволно за да се согледаат состојбите и проблемите во управното судство. Аритон Ала му го честиташе изборот, додека Владо Камбовски оцени дека Јакупи ја понудил најдобрата програма.
Против изборот се изјасни Сузана Јошевска. Таа оцени дека Јакупи е кандидатот со најмал судиски стаж меѓу пријавените и единствениот кој нема судиски стаж во судот со кој треба да раководи, и додаде дека неговата програма содржи цели кои не се доволно разработени.
За функцијата претседател на Управниот суд се пријавиле пет кандидати. Пријавите на Субхи Јакупи, Газменд Фејзули, Едита Наскова и Ѓоко Живковски беа навремени и комплетни, додека пријавата на Љуљзим Салиу беше отфрлена како некомплетна.
Фото: прес-материјал од настанот


