Сведок: Управниот одбор на „Државна лотарија“ не донел одлука за набавка на видеолотариски терминали
На рочиштето против ексдиректорот Перпарим Бајрами сведочеше дека Управниот одбор не го одобрил купувањето на видеолотариски терминали.

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје, поранешниот член на Управниот одбор на Акционерското друштво „Државна лотарија“ сведочеше дека Управниот одбор не донел одлука за набавка на видеолотариски терминали (ВЛТ). Судскиот процес се води против ексдиректорот Перпарим Бајрами, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште шест лица, обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со набавката.
Сведокот: нема одлука од Управниот одбор за набавката
„Видеолотариските терминали, колку што знам, имаше потреба да се набават поради самата компанија која би ги користела за организирање игри на среќа. До каде е тоа застанато мене не ми е познато. Ние како Управен одбор не донесовме одлука за оваа набавка“, рече сведокот Христа Најданов.
Најданов сведочеше дека во периодот кога генерален директор беше Катица Николовска‑Парнакова постоеле дискусии за проширување на дејноста и формирање ново трговско друштво за видео игри на среќа, но дека Парнакова била порезервирана при носење поголеми одлуки. „Беше поекономична и не влегуваше во донесување поголеми одлуки“, додаде тој.
Сведокот опиша и промена во начинот на одржување седници: додека седниците порано се држеле со физичко присуство и членовите имаа можност за подетална дискусија, од околу 2021 година материјалите почнале да се доставуваат електронски, понекогаш истиот ден. „На пример, поради итност некогаш материјалите ние беа доставувани наутро, а ние требаше да одговориме до попладнето истиот ден. Јас зборувам за мене, некогаш немав време студиозно да ги погледнам и во 99 отсто од случаите одговорите на членовите беа позитивни. Немавме шанса да се обратиме до службите да ни дообјаснат, затоа што сите не бевме стручни во некои работи“, рече Најданов.
Под вкрстено прашање од дел од бранителите, сведокот повтори дека не се сеќава да постоеле материјали или посебна одлука на Управниот одбор за набавката, иако, според неговото сеќавање, таа набавка била предвидена во финансискиот план за конкретната година.
Адвокатот на Бајрами, Еленко Миланов, во изјава на пауза рече дека тоа што сведокот не се сеќава не значи дека документите не постојат и посочи дека постои одлука на Надзорниот одбор, која, според одбраната, се повикува на член 33 од Статутот на компанијата. На рочиштето присуствуваа обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски.
Фото: “360 степени“


