Сведок во „Државна лотарија": ВЛТ-апаратите беа набавени според усвоените планови, но никогаш не беа пуштени во употреба
Александар Андонов рече дека постапката била спроведена по донесени одлуки и планови, но терминалите останале во магацин и не се активирале.

На судењето во случајот поврзан со набавката во Државна лотарија сведокот изјави дека ВЛТ-терминалите биле набавени според усвоени планови и процедури, но никогаш не биле пуштени во употреба и сè уште се наоѓаат во магацините на претпријатието.
Александар Андонов, који рече дека бил член на петчлената комисија што ја спровела јавната набавка и во моментов е директор на Секторот за спречување перење пари и финансирање тероризам во Државна лотарија АД, пред судот посочи дека набавката била предвидена во планот за јавни набавки и спроведена врз основа на претходно донесени одлуки на органите на управување.
Комисијата постапувала по веќе донесени одлуки
„Ние како комисија постапувавме по претходно веќе донесени одлуки. Истата требаше да биде и беше предвидена во планот за јавни набавки“, изјави Андонов, објаснувајќи ја процедурата и патеката на документите во претпријатието. Тој посочи дека планот за јавни набавки го носи Управниот одбор, додека финансискиот план првин го одобрува Надзорниот одбор, по што се доставува на разгледување до Владата како единствен акционер.
И од следните детали што ги наведе сведокот произлезе дека пред започнувањето на јавната набавка била спроведена претходна постапка за утврдување на законитоста и оправданоста на набавката. Комисијата ја спровела постапката преку Електронскиот систем за јавни набавки; на тендерот биле доставени три понуди, биле проверени формално-правните и техничките услови и биле избрани најповолните понудувачи. По склучувањето на рамковните спогодби, набавката била предмет на управна контрола од Бирото за јавни набавки.
Во врска со набавените уреди, сведокот рече дека терминалите никогаш не биле ставени во функција и дека сè уште се наоѓаат во магацините на Државна лотарија. „Тие никогаш не беа ставени во употреба за потребите на ‘Државна лотарија‘. Од страна на надлежниот сектор беа доставени барања до УЈП и Министерството за финансии, но бидејќи апаратите сè уште се во магацините, не можам да кажам во кој дел сме добиле позитивни или негативни решенија за пуштање во употреба“, рече Андонов.
Пред одбраната на Перпарим Бајрами сведокот кажа дека не може точно да се сети дали за набавката била присутна целокупната документација, но додаде дека постапката завршила со склучување договор. Тој подвлече дека не може да објасни зошто терминалите не биле активирани, бидејќи тие решенија ги носат надлежните институции.
Андонов се спротистави на тезата дека финансискиот план се носи само еднаш годишно и не се менува: „Не се согласувам, затоа што во текот на годината се прават измени на финансискиот план, и тие измени се веќе согласно начинот, целите и политиката на органите на управување во Државна лотарија“, рече тој. Тој потврди дека улогата на комисијата била ограничена на преглед на понудите и додаде дека не бил запознаен дали во подготовката биле прибавени правно мислење и физибилити студија: „Не сум запознаен со тоа бидејќи ние како комисија само ги прегледувавме понудите“.
Во обвинението за предметот се наведени неколку обвинети — Артан Груби и Перпарим Бајрами меѓу нив — како и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања е предизвикана штета на Државна лотарија АД во износ од 596 125 511 денари; сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Судењето ќе продолжи на 20 октомври.
Фото: Принтскрин


