Почетна
Магазин

Свети Харитон Исповедник: ден за молитва, исцеление и манастирско наследство

Денес православните го одбележуваат свети Харитон — исповедник и основач на манастирски заедници во пустината.

·Магазин
Свети Харитон Исповедник: ден за молитва, исцеление и манастирско наследство

Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Преподобен Харитон Исповедник — светител од најраните векови на христијанството чија непоколеблива вера, страдање и манастирско дело останаа траен дел од духовната традиција.

Харитон бил угледен и побожен граѓанин на Иконија, поттикнат од примерот на света Текла, јавно и без страв го исповедал името Христово. За време на страшното гонење под царот Аврелијан тој бил изведен пред судот; кога судијата му наредил да им се поклони на идолите, светителот одлучно одговорил: “Сите ваши богови се бесови, коишто заради гордоста се струполени во најкрајната темнина!”

Од мачеништво до лавра: корените на манастирското братство

По ова јавно сведочење, Харитон беше подложен на сурови мачења — телото му беше толку измачувано што целото беше покриено со рани — но по смртта на Аврелијан тој бил ослободен. Наместо да се врати во Иконија, заминал кон околината на Ерусалим и во Фаранската пустина го основал првото манастирско општество, каде собра голем број монаси.

За да избегне човечки пофалби, подоцна се повлекол понапред во пустината кон Ерихон, каде ја основал втората обител (позната како Харитонова), а подоцна и третата — Сукиска или Стара Лавра. Му се припишува и составувањето на чинот за монашки потстриг, што го потврдува неговиот придонес во оформувањето на монашкото правило.

Харитон се упокоил во длабока старост на 28 септември (по стар стил) 350 година, а неговите свети мошти се почитуваат во неговата прва обител. Во црковниот тропар се пее: „Пустината во срцето на твоите ученици процвета, о, свети мачениче Харитоне, исповедниче на живата вера во Христа Бога, Спасителот по твоите молитви вода жива за нас постана, застапи се о, ти цвету пустински миомирисен, мирот Христов во тебе, да се слее во нашите души.”

Во месец октомври верниците ги слават и други големи празници: Покров на Пресвета Богородица на 14 октомври и Света Петка на 27 октомври — денови кои во домовите обично се поминуваат во молитва и одмор од тешки домашни работи. Покрај нив, до крајот на месецот следуваат спомени на апостолот Тома, преподобен Теофил Струмички, светата великомаченичка Злата Мегленска, Четириесетте битолски преподобномаченици и апостолот и евангелист Лука.

Фото: Илустрација (АИ)

Поврзани написи