Светите 33 маченици во Мелитина и Преподобен Лазар Галасиски — одбележување (20 ноември)
Денес верниците ја одбележуваат сеќавањето на мачениците од Мелитина и на Лазар Галасиски, со традиционални молитви и народни верувања.

Македонската православна црква и верниците денес (20 ноември по нов, односно 7 ноември по стар стил) го одбележуваат споменот на Светите 33 маченици во Мелитина, предводени од Свети Јерон, како и на Преподобен Лазар Галасиски — светци чија животна приказна сведочи за неизмерна синовска љубов, вера и пожртвуваност.
Според црковното предание, Свети Јерон бил роден во кападокискиот град Тијана во семејство на благочестива мајка Стратоника, која била слепа. Јерон се грижел за неа со голема синовска љубов и поради тоа, но и поради тоа што не сакал како војник да принесува жртви на идолите, му одбил на повикот за служење. Првично ги избркал војниците кои дошле да го земат, но подоцна бил фатен и заедно со уште 32 христијани бил поведeн пред кнезот во Мелитина.
На патот кон градот, една ноќ во сон му се јавил човек во бела облека и му рекол: „Еве, Јероне, ти јавувам за спасението: нема да војуваш за земниот цар, туку наскоро ќе извршиш подвиг за Царот небесен и кај Него ќе преминеш и од Него ќе примиш слава и чест“. Исполнет со радост, Јерон ги храбрел и останатите затвореници да останат цврсти во верата. Откако пред кнезот сите едногласно ја исповедале својата вера во Христа (освен неговиот роднина Виктор кој се откажал), на Јерон му ја отсекле раката, а потоа заедно со сите останати бил погубен со меч во 298 година. Одејќи на губилиште, тие триесет и тројца маченици го пееја псалмот: „Блажени се непорочните што одат по патот на законот Господов.“
Имињата на мачениците
Да ги спомнеме по име и овие чесни маченици чиишто имиња се запишани во Книгата на Животот: Исихиј, Никандар, Атанасиј, Мамант, Варахиј, Калиник, Теоген, Никон, Лонгин, Теодор, Валериј, Ксант, Теодул, Калимах, Евгениј, Теодох, Острихиј, Епифаниј, Максимијан, Дулкитиј, Клавдијан, Теофил, Гигантиј, Доротеј, Теодор, Кастрихиј, Аникит, Темелиј, Евтихиј, Иларион, Лиодот и Амонит.
Според преданието, отсечената рака на маченикот ѝ била однесена на неговата слепа мајка, додека еден христијанин по име Хрисант ја откупил неговата глава, чесно ја погребал и подоцна над неа подигнал црква.
На денешен ден се слави и Преподобен Лазар Галасиски. Над неговата родна куќа во селото Магнезиј при раѓањето, велат преданијата, се појавил столб од светлина. По поклонението на Светите места во Ерусалим, тој се замонашил во манастирот на Свети Сава Осветен, а по десет години се населил во гората Галасиска каде што подвизувал како столпник.
Важел за голем чудотворец за време на животот и по смртта, а особено го почитувал и царот Константин Мономах.
Тропар
„Сила Ти даде на телото човеково о, Господи, но верата во човека планина преместува, секое безумие го победува и кон Тебе ита. Мелитински маченици од Јерон предводени, со љубов од Бога напоени, поитавте кон Небесните дворови, молете се за оние кои преку вас ќе поверуваат дека маките во овој свет се ништо, споредно со блаженствата на Царството Небесно.“
Народните верувања поврзани со денот предупредуваат дека не треба да се шие, да не се крпи или да се работи со игла, бидејќи тоа се смета дека носи малер и несреќа во домот. Наместо тоа, се препорачува домаќинствата да ја средат и исчистат куќата, да се запали свеќа за здравје и благосостојба, и да се изговорат молитви. (Напомена: Бидејќи денешниот празник паѓа во петок, според црковниот календар верниците денес постат на вода.)
Фото: прес-материјал од настанот


