Свети Вартоломеј: ден на мошти, строги народни забрани и значењето на облачното време
Спомен на преносот на моштите на Свети Вартоломеј и народните правила што се почитуваат на овој ден.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија и верниците денеска го одбележуваат преносот на моштите на Светиот апостол Вартоломеј, светец кој во народната традиција се ужива со големо почит, но и со стравопочит, познат и под името Вратолома. Неговиот главен празник е на 24 јули (11 јули по стариот календар), додека денешниот ден е посветен на споменот за чудесното спасување и пренос на неговите свети мошти.
Патувањата на ковчегот: од Албанапол до Беневенто
Откако Свети Вартоломеј бил распнат во ерменскиот град Албанапол, локалните христијани го положиле неговото тело во оловен ковчег. Поради бројните исцеленија и чуда на неговиот гроб, бројот на христијани брзо се зголемувал, па незнабожците решиле да ги фрлат неговите мошти во морето, заедно со ковчезите на уште четири маченици: Папијан, Лукијан, Григориј и Акакиј.
Но, по Божја волја, оловните ковчези не потонале, туку отпловиле на четири страни: Акакиј пристигнал во Аскалус, Григориј во Калабрија, Лукијан во Месина, Папијан на друг дел од Сицилија, додека Вартоломеј на Липарските Острови. Липарскиот епископ Агатон, по небесно откровение, со народот и свештенството го пречекал ковчегот на брегот, а моштите биле положени во храмот каде што почивале сè до 9. век, кога пред наездата на муслиманите биле пренесени во италијанскиот град Беневенто.
Во народните верувања се смета дека на овој ден најлесно може да се случи несреќа, поради што строго се почитуваат неколку правила: забрана за работа на нива бидејќи Вартоломеј се смета за заштитник на посевите; облачно време на овој ден се толкува како лош знак за земјоделците и за приносот; децата не смеат да се качуваат по дрва за да не „го скршат вратот“; капењето во реки се избегнува; и на жените им се советува да не вршат тешки домашни работи.
Покрај преносот на моштите на Свети Вартоломеј, црквата денеска го прославува и Светиот апостол Тит — првиот епископ на Крит и верен сопатник на апостолот Павле. Роден во благородничко семејство на Крит, тој го прифатил христијанството откако го слушнал небесниот глас и станал сведок на Христовите чуда и Воскреснувањето во Ерусалим, посветувајќи го целиот свој живот на ширењето на верата.
Фото: прес-материјал од настанот


