Почетна
Македонија

Светлана Мојсов, „мајката на оземпик“, меѓу колеги и млади научници во Охрид

Професорката од Рокфелер ја објасни патеката од лабораторија до терапии и ќе биде одликувана и прогласена за почесен професор во Скопје.

·Македонија
Светлана Мојсов, „мајката на оземпик“, меѓу колеги и млади научници во Охрид

Професорката на универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк, родена во Скопје, Светлана Мојсов, деновиве учествува на Конгресот на хемичари и технолози во Охрид и од конгресната говорница ја раскажа научната приказна за откритијата што го отворија патот кон терапии за дијабетес и дебелина.

Од лабораториско достигнување до лекови

Мојсов, која поради професијата на својот татко Лазар Мојсов пораснала во Белград, ја прифати поканата да дојде во Охрид за да ги сподели искуствата со колегите и студентите. За брифинг едно-на-едно го одби повикот за интервју, но се обрати од говорницата на конгресот.

Во воведното обраќање на македонски јазик таа порача: "Многу благодарам само толку можам да ви кажам, благодарам што ме повикавте да го отворам овој конгрес во Охрид. Мојот омилен град, имам тука многу пријатели и ми е многу мило што сум на овој конгрес. Останатото ќе биде на англиски јазик".

Мојсов ја опиша својата докторска теза и подоцнежната работа: "Мојата докторска теза беше насочена кон развивање многу ефикасна синтетичка стратегија што ќе ни овозможи да синтетизираме глукагон и аналози на глукагон. Размислувавме дури и за инхибитори на глукагон, кои би можеле да станат нов третман за дијабетес. Синтезата мораше да биде ефикасна, а тие аналози требаше да се произведуваат со висок принос и со висок степен на чистота. Токму тоа го работев. Потоа продолжив да работам со д-р Мерифилд и развив втора, уште поефикасна синтетичка стратегија".

Научната фела не штедеше зборови за значењето на нејзиниот придонес. Ректорот на УГД, Дејан Мираковски, рече: "Tоа откритие е едно од ретките за кое се разговара и за време на вечера или на кафе. Тоа е доказ дека фундаменталната наука навистина може да го промени светот и да им помогне на луѓето да бидат поздрави. Работата на научници како професорката Мојсов е веројатно еден од најдобрите примери за младите луѓе овде – дека можат да го променат светот ако навистина сакаат да го направат тоа и ако работат за тоа".

Професорот Рубин Гулабоски од УГД додаде: "Честа да се биде во друштво на една од најскромните и најдобрите научнички, една од стоте највилјателни личности според магазинот 'Тајмс', е непроценливо искуство за сите нас".

Јасмина Петреска‑Станоева, професорка на Институтот за хемија при УКИМ и една од организаторките, рече дека претходно имале соработка со Мојсов на проекти за жените во науката и дека нејзиното присуство значително го подигнало нивото на конгресот: "Нивото на конгресот значително го подигна… Нејзините истражувања се повеќе се искористуваат во различните области на медицината, не само во оземпик и обезноста, туку допираат и во други сегменти на медицината. Се надеваме дека имамае гостин кој во иднина ќе биде добитник на Нобелова награда".

Студентите, кои годинава се дел од учесниците, имаа можност директно да разговараат со Мојсов. Анастасија Хаџисмилева, претседателка на Здружението на млади хемичари, рече: "Таа го има најголемото откритие можеби за ГЛП хормонот и ние ќе имаме можност за дискусија со неа за што сме искрено возбудени зашто одбликсу ќе може да осознаеме кои биле нејзините предизвици кои ги имала во текот на нејзиното истражување да стигне до 'Рокфелер' Њујорк е сепак големо постигнување за некој од Македонија. Ние студентите имаме работено проекти и генерално знаеме како оди тој истражувачки процес, знаеме дека има потешкотии предизвици, сомневања и не интересира како таа се соочувала со тоа, некој совет да ни даде дали секогаш да се истера нашето мислење, некоја теза што ја имаме".

Покрај Мојсов, на конгресот се присутни околу двесте учесници; темите ги опфаќаат биохемија, електрохемија, фармација и заштита на животната средина. За професорот Гулабоски, собирот е шанса за размена на искуства со истражувачи од светски центри и за прикажување на практичните примени на електрохемијата во фармацијата и биомедицината: "Она што најчесто асоцира кога ќе кажеме електрохемија се некои батерии или постапки и процеси на корозии, меѓутоа она што ние го правиме е примена на електрохемијата во фармацијата и биомедицината. Развиваме специјални теории со кои што го опишуваме однесувањето на голем број лекови или ензими. Без нив ништо не функционира во живите организми. Сето тоа е склопено во една лекција каде што ќе се види дека со мали инвестиции и средства, но со мултипристап на повеќе сегменти од повеќе области, правиме нешто корисно за целото општество".

Конгресот ќе трае до 26 септември. По Охрид, Мојсов патува за Скопје, каде што претседателката Гордана Силјановска Давкова ќе ѝ додели орденот „8 Септември“. Во понеделник ќе одржи пристапно предавање во МАНУ како член надвор од работниот состав, а УКИМ ќе ја прогласи за почесен професор — низа признанија на домашно ниво за научничка со големи меѓународни заслуги.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи