Почетна
Свет

СЗО и ECDC: Две болнички бактерии покажуваат висока отпорност на антибиотици во Европа

Заеднички извештај: во многу земји над 50% од испитаните примероци се отпорни на клучни антибиотици, што го отежнува лекувањето.

·Свет
СЗО и ECDC: Две болнички бактерии покажуваат висока отпорност на антибиотици во Европа

Заеднички извештај на Светската здравствена организација (СЗО) и на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), објавен на 18 ноември, предупредува дека две опасни болнички бактерии покажуваат висока отпорност на клучни антибиотици во приближно половина од европските земји што доставиле податоци. Ситуацијата го отежнува лекувањето на сериозни инфекции во болниците.

Клучни податоци

Во анализа на податоците за 2025 година, извештајот го истакнува Klebsiella pneumoniae и Acinetobacter spp. како главни ризици. Во 21 од 43 земји најмалку половина од лабораториски испитаните примероци на клебсиела биле отпорни на цефалоспорини од трета генерација, група што се користи почесто при лекување. Кај ацинетобактер, во 21 од 38 земји најмалку половина од примероците биле отпорни на карбапенеми, силни антибиотици кои се применуваат при тешки инфекции кога другите лекови не делуваат.

Дополнително, во 10 од 43 земји најмалку половина од испитаните примероци на клебсиела покажале отпорност и на карбапенеми, што дополнително го стеснува изборот на терапија бидејќи преостанатите антибиотици често се скапи и не се достапни насекаде.

Податоците од Европската Унија покажуваат зголемување од 72 проценти во проценетата зачестеност на инфекции на крвотокот предизвикани од клебсиела отпорна на карбапенеми меѓу 2019 и 2025 година. Европската цел предвидува намалување на ваквите инфекции за пет проценти до 2030 година.

И во Северна Македонија е регистрирана антибиотска резистенција кај овие групи бактерии. Институтот за јавно здравје во своjот билтен за октомври 2026 година наведува отпорност кај Acinetobacter baumannii и кај бактерии од родот Klebsiella, но не дава проценти на отпорност за конкретните антибиотици опфатени во европското истражување и не го прецизира видот на пријавените клебсиели, па затоа домашните податоци не можат директно да се споредат со регионалните резултати.

„Во многу земји од нашиот регион, антибиотиците што лекарите обично прво ги избираат не делуваат против сериозни болнички инфекции“, предупредува Марк-Ален Видоусон од Европската канцеларија на СЗО, истакнувајќи дека пациентите кај кои првично избраниот антибиотик не делува имаат поголем ризик од смртен исход во болница.

Директорката на ECDC, Памела Ренди-Вагнер, нагласува дека современите методи овозможуваат побрзо откривање на отпорните бактерии: „Иновациите, како побрзиот геномски надзор, значат дека сега можеме подобро и побрзо да процениме како се шират отпорните бактерии и како ги избегнуваат антибиотиците“, посочувајќи дека тоа овозможува навремено спречување на нивното пренесување и подобар избор на терапија.

Од СЗО појаснуваат дека високите проценти не значат дека половина од сите болнички пациенти имаат отпорни инфекции. Истражувањето се однесува на лабораториски испитани бактерии изолирани од крв и цереброспинална течност кај пациенти со сериозни инфекции. Организациите повикуваат на подобрена болничка хигиена, навремено лабораториско испитување и внимателна употреба на антибиотиците за да се спречи ширењето на отпорните бактерии и да се зачува ефикасноста на лекувањето.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи