Почетна
Спорт

Тамара Атанасова: Не полот, туку резултатите, трудот и дисциплината треба да го вреднуваат спортистот

Лидерка на Работнички и репрезентативка зборува за изборот на кариера, еднаквост и обврската да се инспирираат младите.

·Спорт
Тамара Атанасова: Не полот, туку резултатите, трудот и дисциплината треба да го вреднуваат спортистот

Тамара Атанасова денес е една од предводничките на женската одбојка во Македонија: играчка која потекнува од спортско семејство, има искуство од странство и како актуелна одбојкарка на шампионот Работнички истовремено работи и со помладите генерации.

Од првите чекори до меѓународно искуство

Во врска со причината поради која ја избра одбојката, таа им придава голема улога на семејството и поддршката од блиските. "Потекнувам од спортска фамилија, па некако беше очекувано и јас да тргнам по тој пат. Најголемо влијание врз мене имаа моите родители, кои отсекогаш ме поддржуваа и ми ја всадија љубовта кон спортот. Одбојката беше првиот спорт што почнав да го тренирам уште како дете и уште од самиот почеток се пронајдов во неа. Никогаш не почувствував потреба да пробам нешто друго, бидејќи одбојката ми стана повеќе од спорт – стана дел од мојот живот. Со текот на годините, таа љубов само растеше и ме мотивираше секој ден да работам уште повеќе".

За тоа како напредувала како играчка, таа нагласува дека одбојката бара карактер покрај техниката и кондицијата. "Со годините сфатив дека одбојката не е само физичка подготвеност и техника, туку и карактер. Научив да бидам потрпелива, да не се обесхрабрувам по лош натпревар и да извлекувам поука од секоја ситуација. Би сакала уште на почетокот да знаев дека напредокот не е секогаш линеарен – има подеми и падови, но ако си дисциплиниран и упорен, резултатите секогаш доаѓаат".

Носењето на репрезентативниот дрес ѝ значи многу лично и е момент што таа особено ќе го памети. "Носењето на дресот на македонската репрезентација е најголемата чест што може да ја има еден спортист. Тоа е посебно чувство, но и голема одговорност, затоа што знаеш дека не се бориш само за себе, туку ја претставуваш целата држава. Секогаш кога ќе го облечам репрезентативниот дрес, чувствувам огромна гордост и дополнителна мотивација да го дадам својот максимум на теренот. Ако треба да издвојам еден настап што засекогаш ќе ми остане во сеќавање, тоа е победата над Луксембург пред домашна публика. Тоа беше прва победа на женската сениорска репрезентација по 17 години и еден навистина емотивен момент за сите нас. Да се биде дел од таа генерација и да се почувствува радоста со соиграчите и публиката е нешто што никогаш нема да го заборавам".

Сезоната во Шарџа ѝ донела професионален пристап и друга перспектива. "Искуството во Шарџа беше навистина посебно за мене. Условите за работа беа на многу високо ниво, од организацијата и тренинзите до целокупната грижа за спортистите. Како жена спортист бев одлично прифатена. Последните години таму сè повеќе се вложува во женскиот спорт и сè повеќе девојчиња се охрабруваат да тренираат и активно да се занимаваат со спорт. Навистина беше убаво да се види тој напредок и ентузијазам. Она што најмногу ме радуваше беше кога ќе видиш дека можеш да бидеш пример и мотивација за некое младо девојче да започне да тренира. Мислам дека тоа е една од најубавите работи што може да му се случат на еден спортист – да инспирира некого да го избере спортот и да верува во своите можности".

За родовата еднаквост таа оценува напредок, но повикува на дополнителни чекори. "Мислам дека денес ситуацијата е многу подобра за разлика од порано. Женскиот спорт добива сè поголемо внимание, има поголема медиумска застапеност и поддршка, што е навистина позитивен чекор. Сепак, сметам дека сè уште има простор за напредок, особено кога станува збор за инвестициите, условите за работа и континуираното медиумско следење на женските екипи и спортистки. Верувам дека квалитетот, посветеноста и резултатите немаат пол. Кога спортистите добиваат еднакви можности, тогаш можат целосно да го покажат својот потенцијал. Затоа се надевам дека во иднина разликите ќе бидат уште помали, а женскиот спорт ќе ја добие поддршката што ја заслужува".

Таа ја нагласува и одговорноста на успешните спортисти да ги споделуваат искуствата: "Сметам дека е многу важно успешните спортисти да зборуваат за своите искуства, затоа што младите најлесно учат преку примери. Не е важно да ги споделуваме само успесите, туку и предизвиците, неуспесите и трудот што стои зад секој резултат. Така децата сфаќаат дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку со многу работа, дисциплина и истрајност. Да, чувствувам одговорност, особено затоа што секојдневно сум во контакт со деца и знам колку е важно да имаат позитивни примери. Ако со мојата приказна успеам да мотивирам барем едно дете да започне да спортува или да не се откаже од својата цел, тогаш сметам дека сум направила нешто навистина вредно".

Во однос на признанието за женските спортски достигнувања, Таmара вели: "Во самите почетоци, не размислував на тој начин. На тренинзи одев пред сè поради љубовта кон одбојката и желбата да напредувам, без да се споредувам со машките спортисти или да размислувам дали треба повеќе да се докажувам. Но, како што поминуваше времето, доаѓаа резултатите и стекнував повеќе искуство, понекогаш се чувствуваше дека како жена спортист треба дополнително да се докажеш за да добиеш исто признание и почит. Сметам дека денес ситуацијата е многу подобра отколку порано, но сè уште има простор за напредок, како што напоменав и претходно. Сепак, никогаш не сум дозволила тоа да ме обесхрабри. Наместо да се фокусирам на тоа што не можам да го променам, секогаш сум се трудела мојата работа, дисциплина и резултатите на теренот да зборуваат за мене. Верувам дека токму со квалитетни настапи и континуирана работа можеме да придонесеме женскиот спорт да добива сè поголема почит и вреднување".

Имајќи предвид влијанието на медиумите и семејната поддршка, Таmара ја сумира главната порака: младите девојки треба да имаат повеќе можности, појасна свесност дека спортот е професија и доволно видливи идоли за да не се откажуваат на почетокот. Таа продолжува да комбинира клубски обврски во Работнички со работа со младински категории и вели дека сака своето искуство да го искористи за да ги поттикне следните генерации.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи