Терапијата за мултиплекс склероза ќе се дава и во болниците во Штип и Охрид, а не само во Скопје
Министерството за здравство: терапијата ќе се дава во три болници во првата фаза за да се намалат патувањата на пациентите

Министерството за здравство објави дека терапијата за мултиплекс склероза ќе се дисперзира кон регионалните болници, со што пациентите ќе можат да ги примаат лековите поблиску до местото на живеење. Во првата фаза терапијата ќе биде достапна во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, Клиничката болница во Штип и Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, рече министерот за здравство Сашо Клековски.
Како ќе работи децентрализацијата
Со дисперзијата ќе можат да се опслужуваат 618 пациенти, односно 74 проценти од оние што ја примаат опфатената терапија; со пациентите од граничните општини бројот може да достигне 692. Промeнот кон регионалните центри е доброволен и пациентите што одлучат да останат на Универзитетската клиника за неврологија ќе продолжат да ја примаат терапијата без промени во своите права.
Клековски ја опиша големината на популацијата што ја следи Клиниката: "На Клиниката за неврологија се водат околу две илјади пациенти со мултиплекс склероза, од кои околу 1.800 активно се лекуваат, а бројот на новодијагностицирани расте – само во 2025 година тие се 115. Во моментот, 835 пациенти од 48 општини се на имуномодулаторните лекови опфатени со дисперзијата и сите тие терапијата ја подигаат или ја примаат на Клиниката во Скопје. Од нив, 491 живеат надвор од скопскиот регион и многумина патуваат секој месец, често со придружник, што значи трошок, отсуство од работа и дополнителен напор за луѓе со хронична болест. Децентрализацијата овозможува да се опслужат повеќе пациенти без Клиниката да стане тесно грло", рече Клековски.
Буџетот за лекување на мултиплекс склероза годинава изнесува рекордни 451 милион денари (над 7,2 милиони евра), додаде министерот.
Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, Јован Божиновски, ја опиша обврската на болниците според новиот протокол: "Правилникот ги утврдува лековите, надлежностите, условите за центрите и постапката, а со протоколот секоја болница одделно ги презема обврските што ја засегаат. Болниците се обврзуваат да одредат одговорен невролог, фармацевт и обучени медицински сестри, да ги чуваат и издаваат лековите по пропишан режим, да ја евидентираат секоја доза и да ги пријавуваат несаканите реакции во рок од 24 часа. Клиниката ја задржува стручната, финансиската и организациската одговорност: таа ги набавува лековите, преку Комисијата за имуномодулаторна терапија одлучува за секој пациент, ја фактурира терапијата кон Фондот за здравствено осигурување и врши надзор во центрите најмалку еднаш годишно", рече Божиновски.
Децентрализацијата опфаќа десет лекови, поделени во две групи. Во првата група се лековите што пациентот сам си ги применува – интерфероните, глатирамер ацетат и оралните лекови (диметил фумарат, терифлунимид, кладрибин) – кои се подигаат месечно од болничката аптека на центарот. Во втората група се биолошките лекови окрелизумаб, натализумаб и офатумумаб, сите во субкутана форма, кои ги аплицира медицинско лице во центарот. Терапијата се воведува на Клиниката (прва доза, обука, потпишување согласност), а сите наредни дози пациентот ги прима во регионалниот центар. Контролите се на секои шест или 12 месеци и вклучуваат дигитален конзилиум.
Фото: СДК.МК)


