„TESSA Energy“ ја пушти во употреба новата когенеративна постројка во Топлана Скопје Север
Прва фаза од €2,5 милиони веќе е во функција; компанијата најавува втора фаза од €10 милиони за модерен енергетски центар.

На 12 септември, 2026 година компанијата „TESSA Energy“, која во 2024 година ја презеде во управување поранешната Топлана Скопје Север, денеска ја пушти во употреба новата когенеративна постројка. Инвестицијата во првата фаза изнесува 2,5 милиони евра, а двата генератори ќе произведуваат 2,1 мегават електрична енергија и 2,6 топлинска енергија.
Компанијата ја опиша оваа интервенција како прв чекор во подолг план за модернизација. Во втората фаза е предвидена дополнителна инвестиција од 10 милиони евра со цел создавање на модерен енергетски центар на локацијата.
Одговорност и визија
Управителот на „TESSA Energy“ рече дека преземањето на објектот носи и обврска кон корисниците и инфраструктурата. "За нас ова не беа само деловни одлуки, презедовме многу важен енергетски објект но и одговорност да го зачуваме и дополнително да го модернизираме системот што обезбедува топлинска енергија за домаќинствата и останатите објекти во Чаир и Бутел. Но, ние не застанавме само на тоа. Уште тогаш имавме многу јасна визија да ја модернизираме постојната инфрастуркура и да ја трансформираме во современ центар за комбинирана топлинска и електрична енергија," рече Ајри Шеј.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски го поздрави проектот како пример дека домашните компании можат да придонесат за зелена транзиција. "Ова е многу важно затоа што домашни компании покажуваат дека можат да се во чекор со највисоките светски трендови. Како Министерство за транспорт ќе продолжиме да ги поддржуваме овие инвестиции и во најбрз можен рок да ги завршуваме сите административни процедури за да имаме уште повеќе вакви инвестиции затоа што зелената економија и е потребна на државата," посочи Николоски.
Тој исто така нагласи дека во последниот период имало неколку проекти од 21-от век, како ветерен парк и реконструкција на аеродромот, и додаде: "И додека едни се против дата центри и сакаат да се вратиме во 19 век, ние храбро одиме напред," рече Николоски.
Фото: прес-материјал од настанот


