Тошковски: „Безбеден град“ од 12 октомври ќе се применува и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар
Подготовките за командниот центар треба да завршат во наредните две недели; за прв пат ФРОНТЕКС ќе насочи активности кон западната граница.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, 25 септември 2026, беше во работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад за да ја провери безбедносната состојба и активностите на полицијата во регионот.
Тошковски информира дека подготовките за командниот центар, кој е неопходен за примена на системот „Безбеден град“, во СВР Охрид се при крај. „Од 12 октомври планираме „Безбеден град“ да започне со примена и на целата територија на СВР Охрид, односно на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар“, соопшти министерот.
Тој нагласи дека во наредните две недели треба да се завршат преостанатите активности околу командниот центар, по што системот ќе биде ставен во функција и во овој дел од државата.
На состаноците во Охрид, како што додаде министерот, разгледувани биле и плановите за борба против криминалот и корупцијата, против нелегалната трговија и дистрибуција на дрога, одржување на јавниот ред и мир и унапредување на безбедноста во сообраќајот.
Тошковски соопшти и дека за прв пат европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС се согласила да ги насочи своите активности и кон западната граница на земјата. „Очекуваме заедничките активности да започнат на почетокот на идната година, со што дополнително ќе ја зајакнеме контролата на западната граница“, наведе Тошковски.
Министерот додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со модернизација на полициското работење преку воведување нови технологии и зајакнување на меѓународната соработка со цел зголемување на безбедноста на граѓаните.
Фото: прес-материјал од настанот


