Тошковски: „Безбеден град“ од вчера ги казнува мотоциклите за недозволена брзина
Тошковски најави дека е пронајдено техничко решение за автоматско регистрирање на прекршоците; првите бројки за казнети моторџии се очекуваат до крајот на денот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека системот „Безбеден град“ од вчера почнал автоматски да ги детектира и казнува мотоциклите кои се движат со брзина поголема од дозволената.
Како ќе функционира
Тој информираше дека е пронајдено техничко решение со кое прекршоците што ги прават мотоциклистите можат автоматски да бидат регистрирани на територијата каде што е имплементиран системот.
„Нека не се изненадат оние кои глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правилата, дека ќе бидат предмет на санкционирање од страна на системот ‘Безбеден град’“, порача Тошковски.
Како што појасни, целта на мерката е пред сè заштита на самите мотоциклисти, но и на останатите совесни учесници во сообраќајот.
Засега автоматското санкционирање кај мотоциклите се однесува на прекршоците за возење со недозволена брзина.
Надлежните очекуваат уште денес да ги имаат првите официјални податоци за бројот на мотоциклисти кои биле регистрирани и санкционирани преку „Безбеден град“.
Фото: Слободен печат / Драган Митрески