Трамп подготвува санкции против Меѓународниот кривичен суд
Предложените мерки би ја ограничиле можноста на МКС да користи американски долари; одлуката може да падне околу Генералното собрание на ОН.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува пошироки санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС) кои, според американски претставници, би можеле сериозно да го попречат финансирањето и работата на Судот.
Документите во посед на американски претставници покажуваат дека предложените мерки би ги забраниле повеќето трансакции со МКС по преоден период од шест до седум месеци, што би можело да ја лиши институцијата од пристап до американски долари и голем дел од глобалниот финансиски систем.
Непозната временска рамка
Не е познато кога ќе биде донесена конечната одлука, но некои американски претставници очекуваат таа да биде објавена за време или веднаш по Генералното собрание на ОН. Новите мерки би биле значително пошири од претходните, бидејќи би влијаеле на самото функционирање на Судот, а не само на поединци.
САД веќе воведоа санкции врз бројни претставници на МКС, вклучувајќи ја претседателката на судот Томоко Акане, неколку судии, заменик-обвинители и обвинителот што го води случајот против Бенјамин Нетанјаху и други израелски претставници. Предлог-мерките би се однесувале и на институцијата како целина.
Односите меѓу Вашингтон и МКС се влошија откако Судот во 2024 година издаде налози за апсење за Нетанјаху и тогашниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, по обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа. Истовремено, МКС побара налози за апсење против лидерите на Хамас за нападот од 7 октомври 2023 година, кои од тогаш се убиени.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во јули изјави дека Вашингтон е подготвен да го распушти МКС „цигла по цигла“ доколку е потребно, тврдејќи дека Судот ја загрозува американската сувереност бидејќи покренува постапки против граѓани на земји кои не се негови членки. Ниту САД ниту Израел не се членки на МКС.
Европските земји и Јапонија објавија дека ќе се обидат да го заштитат Судот од американски притисок. Една од опциите што се разгледува е ЕУ да побара од своите банки да продолжат да соработуваат со МКС, но сè уште не е јасно како би изгледале таквите мерки во пракса.
Фото: прес-материјал од настанот


