Три нови случаи на западнонилска треска, бројот се искачи на 34
Центарот за јавно здравје – Скопје потврдува прв случај во Арачиново оваа сезона и дека бројот на заболени достигна 34.

Потврдени се три нови случаи на западнонилска треска во скопскиот регион, со што вкупниот број на регистрирани инфекции оваа сезона достигна 34, соопшти Центарот за јавно здравје – Скопје. Вирусот првпат оваа сезона е детектиран кај жител од скопско Арачиново.
Најмногу случаи до сега се евидентирани во општините Кисела Вода и Аеродром, а речиси половината од вкупниот број се од населбата Драчево.
Условите за размножување на комарците стават под лупа
„Нов случај денеска имаме во Арачиново, првпат денеска е детектиран случај оттаму. Има канали, базени, застојани води и можеби тоа е причината. Има услови за размножување на комарците“, вели епидемиологот Љуљзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје – Скопје.
Бајрами предлага следната година дезинсекцијата да започне порано, и да се направи анализа дали комарците можеби се отпорни на користените средства, за да се сменат препаратите ако е потребно.
Досега во земјава се регистрирани два смртни случаи поврзани со западнонилска треска. Починатите биле на возраст од 72 и 83 години и, покрај вирусната инфекција, имале повеќе хронични заболувања.
На 12 август Центарот за јавно здравје – Скопје прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Фото: Freepik