Учениците од ООУ „Киро Глигоров“ од 4. до 9. одделение времено ќе следат онлајн настава
Градежните работи во дел од училишниот објект, кои ги спроведува Министерството за образование и наука, налагаат привремено учење на далечина за учениците од 4. до 9. одделение.

Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ новата учебна 2026/2027 година ќе ја започнат со настава од далечина, поради градежни активности што Министерството за образование и наука ги изведува во дел од училишниот објект.
Реализација и улога на Министерството
Станува збор за инвестиција што се реализира во рамките на Проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП), чиј носител е Министерството за образование и наука. Министерството ги обезбедува финансиските средства, основниот проект и ревизијата, го координира процесот, го обезбедува изведувачот и надзорот и ја следи реализацијата на градежните активности до нивното завршување.
Според првично предвидената динамика, работите требаше да се завршат пред почетокот на новата учебна година, но се уште се во тек. Поради тоа, ООУ „Киро Глигоров“ побара организација на онлајн настава за учениците од четврто до деветто одделение.
Министерството за образование и наука даде согласност овие ученици временo да следат настава од далечина, до создавање услови за безбедно одвивање на наставата со физичко присуство.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека во моментов најважно е да се обезбеди непречено започнување на учебната година. „Најважно е децата да бидат безбедни и наставата да започне без дополнителни одложувања. Бидејќи градежните активности што ги реализира Министерството за образование и наука сè уште не се завршени, учениците од четврто до деветто одделение времено ќе следат онлајн настава. Од МОН побаравме и информација за точниот рок и динамиката за завршување на работите, затоа што очекуваме тие да бидат завршени во најкус можен рок и учениците што побрзо да се вратат во училишните клупи“, изјави Герасимовски.
Фото: прес-материјал од настанот