Почетна
Македонија

УЈП почнува кампања за пријавување приходи од краткорочно сместување

Целта е зголемување на свеста и намалување на сивата економија преку едукација и електронски пријави.

·Македонија
УЈП почнува кампања за пријавување приходи од краткорочно сместување

Управата за јавни приходи (УЈП) ја стартува кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ со цел да го поттикне пријавувањето и плаќањето на данокот од физички лица кои нудат краткорочно сместување преку платформи како "Букинг", "Ербиенби" или "Трип адвајзор", но и на друг начин. Активностите се насочени кон едукација и намалување на сивата економија во туристичкиот сектор.

Рокови и постапка за пријавување

Од УЈП потсетуваат дека рокот за пријавување на приходите е најдоцна до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец, а данокот треба да се уплати до 15-ти. На пример, доколку апартманот е издаден на крајот на јуни, а закуподавачот ги добил парите во јули, пријавата се поднесува најдоцна до 10 август.

Пријавите се задолжително електронски и УЈП објави детални упатства кои го воде корисникот низ постапката, а даночните службеници стојат на располагање за помош. За пријава е потребна активна имејл адреса и регистрација во системот е-персонален данок; доколку граѓаните веќе имаат креирано профил за скенирање „МојДДВ“, истиот профил може да се користи и за оваа намена.

„Не е цел да Управата да ги казни сите, немаме ние никаква корист од тоа ако сите обврзници ги казниме затоа што не пријавиле нешто. Не ни е целта ни да ги уловиме да бидат казнети сите тие што не пријавуваат. Главната цел на УЈП е подигнување на свеста на граѓаните за почитување на принципот на самооданочување. Значи, целта е секој граѓанин да има лична свест и општествена одговорност сопствената обврска која што законот ја предвидува да ја испочитува. Последиците се нешто што е дополнително и тоа не би сакал ни да го коментирам. Секако дека постојат, но добро е воопшто да не стигнеме до таа ситуација“, вели Ѓорѓи Михаилов, даночен службеник во УЈП.

Данокот на личен доход изнесува 10% од бруто приходот, а законот предвидува признаени трошоци кои можат да ја намалат даночната основа до дури 15%. Казните за непочитување може да достигнат до 250 евра, а во поединечни случаи може да следи и кривична пријава за затајување данок.

Лани вкупната заработка од приватно сместување за краток престој надмина 13 милиони евра, а УЈП наплатила повеќе од милион евра данок. Кампањата, велат од УЈП, има за цел да информира и дека приходите обезбедени преку странски платформи не се ослободени од пријавување и плаќање данок.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи