Уништување на повеќе гробни споменици во дворот на црквата „Свети Спас“ во Велес
Роднини ги откриле разрушените обележја во Влашки гробишта; полицијата потврдува две пријави и презема проверки.

Повеќе од десетина споменици од гробовите во дворот на црквата „Свети Спас“ во Велес се пронајдени искршени, откорнати од постолјата или на друг начин оштетени, појави се по проверките кои роднините и продавачите на цвеќе ги направија утрово.
Спомениците се во внатрешноста на дворот, во делот што локално се нарекува Влашки гробишта. Очевидци велат дека спомениците не биле распоредени во ред или низа, туку биле расфрлани на различни места низ дворот.
Продавачите на цвеќе кои секојдневно работат на гробиштата изјавија дека можно е вандализмот да се случил на 23 октомври. Роднините кои дошле да проверат ја изразија својата лутња и шок од она што го виделе.
Реакции и претходни проблеми
„Дојдов да проверам каква е состојбата со спомениците на моите родители и роднини. Дознав дека се искршени. Што да видам – и нашиот фамилијарен споменик е искршен. Кому му пречат овие спомен-обележја? Не ги оставаат мртвите ниту да почиваат во мир, иако се одамна погребани. Очекувам сторителите да бидат најдени. Ова нема врска со разум. Ова е вандализам“, вели велешанец чиј фамилијарен споменик е искршен.
Луѓето од местото велат дека тешко е да се утврди точниот број на оштетени обележја, но нагласуваат дека станува збор за повеќе од десетина. Неколку сведоци потсетија дека неодамна во дворот на црквата биле пронајдени и говеда на сопственици кои живеат во блиската околина.
Поради бројните кражби, во црквата е поставен видеонадзор. Во последниов период од црквата пријавиле кражба на метална врата и пластични канти за отпад; иако за тие настани постоеле видеоснимки, локалните велат дека полицијата не ги земала предвид. Денес меѓу посетителите беше и поранешен чувар, кој потсети дека пред околу триесет години биле уапсени лица кои копале гробови и земале злато од починатите, за што подоцна биле осудени.
Од велешката полиција соопштија дека до сега примиле две пријави за оштетени споменици во дворот на црквата „Свети Спас“, кои биле поднесени вчера. "Полициските службеници презедоа мерки и активности за утврдување на причините и околностите под кои настанало оштетувањето, а извршен е и службен разговор со вработени во ЈКП 'Дервен'. СВР Велес презема понатамошни службени дејствија и проверки за утврдување на причините за настанатите оштетувања и пронаоѓање на сторителите", изјави Ана Милевска-Ѓеоргиева, портпаролка на СВР Велес.
Законот, според член 400, став 2 од Кривичниот законик, предвидува дека оштетувањето или осквернувањето на гробови или други места за закопување е кривично дело кое се казнува со парична казна или со затвор до три години.
Фото: СДК.МК)


