Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип таргет на сајбер-напад
Тимови за дигитална форензика и сајбер-безбедност спроведуваат анализа; резервните копии се валидни и сервисите ќе се враќаат контролирано.

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (УГД) во текот на изминатата недела бил таргет на сајбер-напад насочен кон делови од дигиталната инфраструктура, соопшти Универзитетот.
Раководството наведува дека веднаш по детекцијата на неовластената активност техничките тимови ги презеле утврдените безбедносни мерки и превентивно ги изолирале засегнатите системи за да се спречи понатамошно ширење на инцидентот.
Пријавување и форензичка анализа
„Настанот веднаш беше официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до останатите надлежни институции. Во изминатите денови, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, во координација со нашите информатички служби и според пропишаните стандарди, спроведе детална форензичка анализа на инцидентот“ — се вели во соопштението од УГД-Штип.
Во соопштението се додава дека е во тек целосна санација на инфраструктурата и подготовка за безбедно пуштање на сите сервиси во функција. Универзитетот потврдува дека резервните копии на сите универзитетски системи и бази на податоци се целосно валидни, зачувани и во одлична состојба, што овозможува сигурно и контролирано враќање на сервисите.
Сервисите ќе бидат вратени по целосното завршување на форензичката постапка и безбедносните проверки, а повторното пуштање ќе се врши етапно и под контрола. За секој обновен сервис студентите и вработените ќе бидат навремено известени преку официјалните канали на Универзитетот.
Фото: прес-материјал од настанот


