Уплати за игри на среќа: 1,6 милијарди во првата половина на 2026
Првата половина на 2026 донесе близу 1,6 милијарди евра уплати; дислокацијата на објектите и другите мерки се планираат да стапат на сила со рокови до 1 јануари 2028.

Уплатите во казина, автомат‑клубови и обложувалници во првата половина од 2026 година изнесоа речиси 1,6 милијарди евра, покажуваат податоците од Управата за јавни приходи, додека во јавноста течат роковите за примената на новите правила за приредувачите на игри на среќа.
Нова регулатива и рокови
Со законските измени донесени во јули се заостри контролата на сопственичката структура и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, се ограничуваат начини за рекламирање и е предвидено казината, автомат‑клубовите и електронските игри на среќа, вклучително и тие поставени во обложувалниците, да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Оваа одредба треба да почне да се применува од 1 јануари 2028 година. "Правилникот за начинот на утврдување на оддалеченоста и формата и содржината на геодетскиот елаборат ги пропишува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, кој ќе се донесе во рок една година од денот на стапувањето во сила на Законот (од 14.07.2026 година). Оттука, точното дефинирање на начинот на кој ќе се мери растојанието од основните и средните училишта ќе биде пропишано од страна на Агенцијата за катастар на недвижности со погоренаведениот правилник", велат од Министерството за финансии.
За споредба, во текот на целата 2025 година уплатите изнесуваа 2,8 милијарди евра, што значи дека ако трендот од првата половина се задржи и во втората, постои шанса да се надминат ланските бројки. Најмногу пари се уплатени на автоматите — вкупно над една милијарда евра, додека во казината се уплатени околу 380 милиони евра, а во обложувалниците речиси 120 милиони евра во периодот од 1 јануари до 30 јуни.
Во однос на исплатите, најмногу добивки имало во обложувалниците, а најмалку во казината. Данок на личен доход од добивки во првата половина на 2026 година е платен во вкупен износ од 14,25 милиони евра: за добивките од обложувалници платен е над 11 милиони евра, од автомат‑клубови околу 2 милиони, а од казина помалку од еден милион евра.
Засегнатите го критикуваат начинот и роковите на имплементација и предупредуваат на правна несигурност и економски губитоци. "Во моментов се соочуваме со неусогласености и нејаснотии на кои што укажувавме уште пред донесување на новиот закон. Имено, во однос на давачките кои што се зголемени со новиот закон има одредени нејаснотии за нивна примена од причина што постоечките лиценци за игри на среќа се издаваат на временски период од 6 години и истите се донесени согласно стариот Закон за игри на среќа. Со новите измени истите се зголемуваат, меѓутоа истото претставува правна несигурност", вели Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.
Тој дополнително посочува дека дислокацијата ќе доведе до затворање на дел од објектите и зголемување на нелегалната игра. "Државните институции прават погрешна проценка и пресметка ако земаат предвид дека со намалување на деловните објекти за приредување на игри на среќа, а воедно со зголемување на давачките, ќе дојдат на исто рамниште со приходите кои што ги добива буџетот од игрите на среќа, а кои што се над 350 милиони евра на годишно ниво. Во однос на дислокацијата, првенствено ќе се изгуби од работните места, тоа е прва и основна негативност која што ќе произлезе од дислокацијата. Второ, приредувачите ќе трпат огромни загуби во однос на инвестиција и во однос на уредување на деловните простории кои што имаат јасно пропишани законски одредби за тоа како треба да бидат изградени и што треба истите да содржат. Трето, закуподавачите ќе ги изгубат кириите, а на крајот државата ќе остане без досегашните загарантирани приходи од игрите на среќа. Дислокацијата не претставува дека истите деловни објекти ќе се преместат на друго место. 70% од објектите кои што ќе треба да се дислоцираат ќе се затворат бидејќи тоа не е можно ниту просторно, ниту, пак, инвестициски да можат да се префрлат на друго место", вели Горан Стоименов.
Истражувањата во земјата укажуваат дека секој четврт ученик понекогаш се коцка за пари. Надлежните велат дека токму новите правила имаат за цел да ги заштитат децата од секојдневна изложеност на коцкање и од нормализирање на зависничкото однесување.
Мирјана Јовеска
Фото: прес-материјал од настанот


