Почетна
Македонија

Доцнење на исплатите за асистенти и негуватели предизвикува реакции

Граѓани велат дека исплатите се задоцнети месеци, министерството тврди дека е неисплатен само последниот месец.

·Македонија
Доцнење на исплатите за асистенти и негуватели предизвикува реакции

Граѓани од целата држава се јавија во редакцијата и алармираат на доцнења во исплатата на средствата за лица со попреченост: според нив, исплатите за негуватели и персонални асистенти се доцни три месеци, додека надоместокот за помош и нега од друго лице е доцнен за еден месец.

Една читателка посочува дека, исто како и лани, повторно има доцнење со исплатата за лична асистенција — за септември и октомври — а се уште е во тек и ноември. Таа додава дека за помош на едно лице со попреченост асистентот зема 19.500 денари.

„Тие лица работат за пари а веќе не се издржува вака, поголемиот дел од асистентите се одговорни и сериозни лица кои си ја сакаат работата и не сакаат да не остават на цедило. Жално е што се чепка во ранливата категорија на граѓан, а се фалат дека се грижат, уште пожално е ако некој си го побара правото уште и виновен е“, стои во една порака од читателка.

Негувателите реагираат и поради други практики: тврдат дека на неподвижните и тешкоподвижните им се скратени часовите за личен асистент и дека семејствата се приморани да доплаќаат. Во еден случај, стручна комисија наводно барала од целосно слепо лице да докажува слепило секоја година и му ја намалила помошта — одлука што тројца лекари подоцна ја утврдиле како дискриминациска.

Министерството: не е задоцнета исплата на два месеца

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади ни испратија писмен одговор: „ Ве известуваме дека не станува збор за доцнење на 2 месеци, туку не е исплатен само последниот месец, која што исплата ќе се реализира во текот на наредните денови“.

Друг граѓанин кој ја контактираше нашата редакција алармира дека корисниците на надоместокот за туѓа нега се соочуваат со сериозно доцнење за октомври. „Иако од беше најавено дека средствата ќе бидат исплатени на 16 ноември, заклучно со денес (18 ноември) ниту еден корисник ги нема добиено парите на својата сметка, а од институциите нема никакво ново известување. Станува збор за најранливата категорија граѓани стари, изнемоштени и болни лица на кои овие средства им се неопходни за лекови, пелени и секојдневна нега. Ќе тргнам од себеси и мојата мајка која е со хронична болест и оди на дијализа секој втор ден, овие средства можеби не се многу но и покриваат дел од лековите кои ги прима секојдневно. Пред десетина дена почина и нејзиниот сопруг, мојот татко и навистина овие моменти се малку потешки, и знам дека не сме единствени со овој проблем“, реагира читателот.

Граѓаните и негувателите велат дека доцнењата предизвикуваат непосредна тешкотија: средствата се користат за лекови, пелени и основна нега, а многу семејства немаат резерви да чекаат институциите да ја решат исплатата. Министерското уверување дека ќе се исплати последниот месец „во наредните денови“ засега не ги отстрани сомнежите и загриженоста на корисниците.

Фото: Архива на СДК.МК)

Поврзани написи