Влада подготвува електронска наплата на патарини без застанување
Министерот Николоски најави законски измени и поддршка од ЕУ; целта е отстранување на физички патарини и правда во цената.

Владата подготвува воведување на електронска наплата на патарини без потреба од застанување на наплатните рампи, со што физичките бариери би биле отстранети и возачите би се наплаќале според поминатите километри, соопшти министерот за транспорт Александар Николоски.
Што предвидува новиот модел и кога следуваат измени
Министерот рече дека системот е во почетна фаза на развој во регионот и дека земјата ќе добие експертска поддршка од Европската Унија за техничката и законската рамка.
„Идејата е, но оставам експертите да ја сработат, е она што е сега перцепција за патарина да не постои, односно на автопатиштата да нема физичка бариера и да нема застанување и наплатата да се прави со современите технолошки алатки кои што веќе ги нуди современата технологија. Секој граѓанин има трансакциска сметка, секој кој што има возило мора да има кредитна картичка, тоа се работи кои што веќе ги има во постојната законска регулатива и би можеле на тој начин да ги примениме овие технологии“, рече министерот за транспорт Александар Николоски.
Како што најави, очекувањата се дека следниот месец ќе има финална верзија на законските измени по кои деталите ќе бидат презентирани пред јавноста. Клучната новина е дека наплатата ќе се врши според бројот на изминати километри, а не повеќе само по поминување на наплатна рампа.
„Нашата идеја е да се наплаќа по километар, што ќе е многу поправедно од ова што се случува сега затоа што вие сега теоретски ако тргнете од Демир Капија и одите во Гевгелија плаќате 100 денари на наплатната кај Смоквица и ако тргнете од Скопје кон Гевгелија на истата наплатна повторно плаќате 100 денари, што за жителите од Демир Капија е нечесно и неправедно. И затоа сметаме дека треба да се наплаќа по поминат километар што сериозно ќе ја намали цената“, рече министерот Николоски.
Министерството посочува дека отстранувањето на физичките наплатни рампи ќе го забрза протокот на патници и стоки низ македонските автопати, бидејќи ќе се елиминираат непотребни застанувања и чекања на наплатните места.
Фото: прес-материјал од настанот


