Добивката на банките се намалува, приходите од провизии растат
Нето приходите од провизии пораснаа за 10,3% до 95 милиони евра, но добивката на банкарскиот сектор се намали на 224 милиони евра.

Податоците на Народната банка покажуваат дека заклучно со септември, приходите од провизии на банките значително растат, додека нето приходите од камата се менуваат многу малку.
Заклучно со септември годинава, банките оствариле нето приходи од провизии од 95 милиони евра, што претставува раст од 10,3 отсто во однос на истиот период минатата година, кога приходите од провизии изнесувале 86 милиони евра. Во септември 2024 година заработката од провизии била под 85 милиони евра.
Повикот на гувернерот и реакцијата на банките
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, минатата година ги повика банките да ги намалат провизиите и се закани со законски измени кои државата би ги наметнала доколку не го сторат тоа. По неговиот повик, дел од банките намалија некои провизии, но истовремено зголемија други.
„Јас би препорачал до монетарните власти, доколку сакаат намалување на провизиите, наместо со директно упаѓање и интервенирање во работата на банките, тоа да го направат со оставање на поширок простор за поголема конкуренција помеѓу банките во самиот банкарски сектор. Од аспект на воведување на директни регулаторни налагање кои провизии и до кои интервали би можеле да одат, мислам дека е контрапродуктивно и банките на еден или друг начин повторно ќе најдат пат да го наплатат она што и онака го наплаќаат“, вели економскиот аналитичар Александар Талимџиоски.
Талимџиоски дополнително објаснува дека е логично приходите од провизии да растат, бидејќи банките имаат се повеќе клиенти: помладата популација која влегува на пазарот на трудот ги заменува постарите генерации кои користеле многу помалку банкарски услуги.
Според Народната банка, сите банки во земјата заедно заклучно со септември оствариле добивка по оданочување од 224 милиони евра, што претставува намалување од 4,6 отсто во однос на истиот период лани кога добивката изнесувала 235 милиони евра. Оваа сума исто така е пониска од таа во септември 2024 година, кога добивката беше 242 милиони евра.
Фото: прес-материјал од настанот


