Уште поголем хаос кон Драчево – започна обновата на мостот на Маркова Река
Градот побара трпение од возачите, додека државното претпријатие не даде рок за крај на ограничувањата.

Започна реконструкција на мостот над Маркова Река пред Драчево, најавени застои во сообраќајот
Град Скопје вети подобрување на безбедноста и инфраструктурата, но ЈП за државни патишта сè уште не соопштува колку долго ќе траат ограничувањата.
Од денеска почнува реконструкцијата на главниот мост на Маркова Река пред населбата Драчево, објект кој со години се одржува преку ситни закрпи и каде се гледа јасно оштетување на пропратните делови. Досега дупките и оштетувањата беа крпени од ЈП „Улици и патишта“, додека за целосната реконструкција е ангажирано Јавното претпријатие за државни патишта.
Времен режим и сигнали на место
„Поради изведувањето на градежните работи, во наредниот период може да има отежнато одвивање на сообраќајот, како Град Скопје, ве замолуваме за трпение, разбирање и почитување на сообраќајниот ред. Реконструкцијата на мостот е значаен чекор кон подобрување на инфраструктурата и безбедноста за сите граѓани“ – информираа утрово од Град Скопје. За регулирање на сообраќајот е најавен времен режим и привремена семафорска сигнализација.
Од ЈП за државни патишта до овој момент нема конкретни податоци за тоа колку долго ќе биде попречен сообраќајот на овој важен правец, како точно ќе се организира алтернативниот сообраќај, што точно опфаќа реконструкцијата и колкава ќе биде вредноста на работите. Градските служби ги упатија понатамошните прашања кон ЈПДП.
Драчевци веќе месециве се соочуваат со отежнато поврзување со Скопје: проектот за проширување на дел од булеварот „Борис Трајковски“ кој води кон мостот создава секојдневни метежи и колоните од автомобили. Дополнително, уште во април започна реконструкцијата на улицата „Киро Фетак“ во делот кај мостот, а општината тогаш соопшти дека таа улица ќе биде затворена до октомври – пат кој претставува важна алтернатива преку Лисиче за жителите што инаку одат преку Пинтија.
Граѓаните изразија револт и загриженост прашувајќи како ќе патуваат на работа и на училиште во наредните шест месеци ако неколку сообраќајни правци се попречени истовремено. За среќа, пред почетокот на реконструкцијата на мостот, една делница од улицата „Киро Фетак“ порано од предвиденото беше пуштена во сообраќај.
Потребата за темелна реконструкција ја нагласи и инцидентот од пред неколку години кога на првиот дел од мостот се појави голема дупка; за среќа, тогаш немаше повредени. Граѓани пријавија во Центарот за управување со кризи, кој апелираше до надлежните итно да обезбедат мерки за сигурност затоа што дупката претставуваше опасност и за возилата и за статиката на објектот. Дупката подоцна беше затворена, но тоа не ги реши сите структурни проблеми и мостот очигледно бара целосна реконструкција.
Фото: прес-материјал од настанот