Уставниот суд ќе ги разгледа осум иницијативи, меѓу нив задолжителна медијација за спорови до 1.000.000 денари
На 24. седница Судот ќе одлучува за иницијативи против членови од парничната постапка, Кривичниот законик и други закони.

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 24. седница на која е предвидено разгледување на осум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и еден предлог-одлука. На дневниот ред се приговори против повеќе закони и подзаконски акти поврзани со парничната постапка, Кривичниот законик, заштитата на децата, адвокатурата, бесплатната правна помош и супервизијата на осигурувањето.
Кои предмети ќе ги разгледува Судот
Во фокусот е иницијативата против член 461 од Законот за парничната постапка — одредбата со која задолжителната постапка на медијација е предвидена како процессен предуслов за поведување и водење постапка кога странките се правни лица, а вредноста на спорот е до 1.000.000 денари. Подносител на иницијативата е адвокатот Горан Николовски, кој смета дека воведувањето на задолжителна медијација како предуслов за пристап до суд претставува неоправдано ограничување на правната сигурност и предвидливост, бидејќи создава дополнителна, со закон непропорционално поставена пречка за остварување на судска заштита.
Иницијативата на Славко Димитров ќе го испита член 157 став 8 од Кривичниот законик. Подносителот тврди дека со оспорената одредба се нарушува личниот карактер на моралните авторски права гарантирани со член 47 од Уставот и се ограничува правото на автономија и достоинство на авторот.
Уставниот суд ќе ги разгледа и двете иницијативи поврзани со делови од Законот за заштита на децата. Подносителката Климентина Ангелеска ги оспорува одредбите што се однесуваат на правата поврзани со првото, второто и третото новородено дете, оценувајќи ги како дискриминаторски.
Меѓу останатите иницијативи е и онаа на Оливер Давидовски против член 12 став 1 алинеја 9 од Законот за адвокатурата, со која се оспорува условот за упис во Именикот на адвокатите поврзан со претходно престанување на функција или работен однос со конечна одлука со која е утврдена "одговорност" — според подносителот поимот "одговорност" не е доволно јасно и прецизно дефиниран. Давидовски е автор и на иницијативата за член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош, со која се оспорува можноста Министерството да одбие исплата на надоместок на вештак доколку утврди дека не ги исполнил своите законски обврски, бидејќи нормата не овозможува однапред да се предвиди што ќе се смета за неисполнување на обврските.
Други предмети опфаќаат иницијатива на Жарко Хаџи-Зафиров против акти на Агенцијата за супервизија на осигурување поврзани со вршење осигурително-брокерски работи, со тврдење дека Агенцијата наметнува обврски на сите осигурителни брокерски друштва кои не се предвидени со Закон; иницијатива на Скендер Реџепи за Правилникот за начинот на водење, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта; и иницијатива на Славко Димитров против точка 103 од Заклучокот на Владата од 4 февруари 2020 година, со која, според подносителот, била суспендирана примената на Законот за авторско право и сродни права и ограничена надлежноста на Министерството за култура.
Дополнително, Судот ќе одлучува по нацрт-одлука во предметот У.бр.47/2026 — предмет што Судот го отвори на 8 јули 2026 година за оценување на уставноста на член 60 став 2 од Законот за социјалната заштита во делот "кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж".
Фото: прес-материјал од настанот


