Почетна
Македонија

Уставниот суд: Основен граѓански суд Скопје не ја извршил одлуката за Наташа Стојановска

Уставниот суд извести обвинителството и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје не ја извршил Одлуката БЗСП.бр.8/2025 во предметот на новинарката Наташа Стојановска.

·Македонија
Уставниот суд: Основен граѓански суд Скопје не ја извршил одлуката за Наташа Стојановска

Уставниот суд ја извести Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје не ја извршил Одлуката на Уставниот суд во предметот на новинарката Наташа Стојановска (Одлука БЗСП.бр.8/2025), соопшти Судот.

„Уставниот суд за првпат од своето постоење примени нов механизам за извршување на одлуките, кој овозможува заштита на сопствените одлуки. Ова е предвидено со Актот на Судот кој стапи во сила од септември 2024 година.  Имено, Уставниот суд на 24 септември 2025 година утврди повреда на слободите и правата  коишто се однесуваат слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.06.2022  и втората од Апелациониот суд Скопје од 19.12.2024 година) и го уважи барањето на подносителката“, се наведува во дописотт на Уставниот суд.

На 22 мај 2026 година полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски, го извести Уставниот суд дека пресудата за предметот БЗСП.бр.8/2025 не е извршена, бидејќи предлогот на подносителката Стојановска за повторување на постапката во Основниот граѓански суд бил отфрлен.

Проверка и констатација

По ова известување, судиите одржаа работен состанок на 15 јули 2026 година и со мнозинство гласови одлучија да подготват посебно решение со кое ќе утврдат дека одлуката не е извршена. На седницата на 22 јули 2026 година Судот донесе Решение во кое констатира дека Одлуката БЗСП.бр.8/2025 не е извршена, по детален увид во Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година, донесено од судијата кој постапувал во предметот во Основниот граѓански суд Скопје.

„Уставниот суд утврди дека првостепениот (Основниот граѓански) суд се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка и навел дека Одлука на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ. Но, пропуштил да ги земе предвид уставно утврдени правни карактеристики и правно дејство на одлуките на Уставниот суд, односно нивната конечност, извршност и општа задолжителност,  со што во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд“, се додава во соопштението на Уставен.

Во соопштението се наведува и дека во Основниот граѓански суд веќе постоеле сознанија за пракса да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд за заштита на слободите и правата. Како пример Судот го наведува решението У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, кога Основниот граѓански суд Скопје по постапка за повторување на правосилно завршен предмет (МАЛВП-705/20 од 14.04.2021) ја прифатил одлуката на Уставниот суд како нов факт и нов доказ и како основа за повторување согласно член 392, став 1, точка 9 од Законот за парничната постапка; истиот пристап бил отфрлен подоцна од Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 07.11.2024 година.

Уставниот суд оценува дека Основниот граѓански суд во предметот на Стојановска не овозможил остварување на уставните слободи и права на подносителката, иако тие биле утврдени со Одлуката БЗСП.бр.8/2025. „Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривично-правни санкции во случај кога не се извршуваат. Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд“, смета Уставен.

Предметот што го разгледа Судот се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27 април 2017 година. Подносителката, како акредитиран новинар на телевизија 24 Вести, била присутна за да известува за изборот на претседател на Собранието, но по насилниот упад во зградата била изложена на закани и спречена да ја изврши новинарската задача без адекватна заштита од надлежните државни органи.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи