Уставните измени остануваат услов за почеток на преговорите, вели Христијан Мицкоски
Мицкоски вели дека целта е да се придвижи евроинтеграцијата, а дека пораката од фон дер Лајен ја демантира опозицијата за реформите.

Позицијата на Владата околу уставните измени како услов за почеток на преговорите со Европската унија е јасна и непроменета, изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на телевизијата Алсат, по разговорите со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Документ на ЕК охрабрувачки, но треба одобрување од Европскиот совет
Мицкоски ја обвини домашната опозиција дека ги извртела ставовите на Владата за уставните промени и за евроинтеграцијата, и нагласи дека неговиот кабинет никогаш не тврдел дека условот ќе биде повлечен. Тој рече дека целта на Владата била да најде начин процесот да се придвижи, но и да се задржи достоинството на земјата.
„Никогаш ние не сме кажале дека тој услов не останува. За жал, претходната влада на СДСМ и ДУИ прифати нешто што е дел од овој процес. Но, она што беше наша цел од самиот почеток на Владата, ако ги оставиме оние будалаштини што ги кажува моменталното раководство на СДСМ и ДУИ дека сме ветувале, па сме излажале, и ако зборуваме за реална политика, тогаш нашата цел беше да најдеме начин како тој процес да го задвижиме, а притоа да успееме да го задржиме достоинството, кое со прифаќање на тој услов, ќе се согласите со мене, апсолутно беше не само уништено, туку буквално закопано, ако се има предвид дека на ова прифаќање му претходеше едно друго понижување, а тоа беше промената на уставното име“,
рече Мицкоски, додавајќи дека разговорот со Фон дер Лајен бил содржаен и пријателски, воден меѓу двајца пријатели. Тој оцени дека документот објавен од Европската комисија е охрабрувачки, но потсети дека одлуките од ваков тип мора да добијат зелено светло од Европскиот совет.
„Во меѓувреме се појави овој документ кој што го објави Европската комисија за кој што можам да кажам дека охрабрува, но тој документ на крајот на денот треба да биде усвоен од Европскиот совет“,
појасни премиерот и додаде дека пораката од претседателката на Европската Комисија ги негира тврдењата на опозицијата и лидерот на опозицијата Венко Филипче дека Владата не спроведува реформи.
„Пораката од претседателката на Европската Комисија беше многу јасна и децидна која што го демантираше ова кое што го збори домашната опозиција“,
истакна Мицкоски и нагласи дека фон дер Лајен ја оценила работата на Владата како „импресивна“ што, според него, е силна позитивна оцена и контра-доказ против критиките од опозицијата.
Фото: прес-материјал од настанот


