Утре почнува учебната 2026/2027: 238.000 ученици, укинати 433 паралелки, ново покачување на плати во март 2027
Учебниците се доставени, укинати се 433 паралелки, а во март 2027 следи ново покачување на платите за вработените во образованието.

Учебната 2026/2027 година во Република Северна Македонија започнува на 1 септември 2026 година за вкупно 238 илјади ученици во основното и средното образование. Наставата е предвидено да трае до 10 јуни, додека за матурантите учебната година официјално завршува на 17 мај, информираше на денешната прес-конференција министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
Учебници навреме и заштеди
Министерката истакна дека сите потребни учебници се веќе набавени и доставени до училиштата, па ќе бидат поделени на учениците од првиот ден на настава. „Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж што го побараа самите училишта. Прашањето со недостатокот на учебници повеќе не е предизвик. Годинава се набавени 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари во споредба со периодот пред да го преземам раководењето со оваа институција“, истакна Јаневска.
Јаневска појасни дека целосно нови учебници се обезбедени за учениците од прво, второ, трето и осмо одделение, како и за втора година во гимназиското образование.
Во учебната 2026/2027 година наставата ќе ја следат 174 илјади основци и 64 илјади средношколци, а во прво одделение се запишани 14.952 првачиња. Поради континуираниот недостаток на ученици, привремено се затвораат 26 подрачни училишта. Со оптимизација на училишната мрежа, укинати се 433 паралелки (222 во основното и 211 во средното образование). „Малите и нефункционални паралелки ги обединивме. Сепак, сите редовно вработени наставници ги задржуваат своите работни места и ниту еден наставник не е отпуштен“, објасни министерката.
Едносменска настава е воведена во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти во земјата, а капацитетите се прошируваат во уште 14 училишта во Скопје и во Градско. За поддршка на учениците со посебни образовни потреби, обезбедени се 1.358 образовни асистенти во основните училишта и 166 образовни асистенти во средните училишта.
На крајот на своето обраќање, Јаневска најави дека процесот на зголемување на платите во просветата продолжува: во март 2027 година сите вработени во образованието ќе добијат ново покачување на платите помеѓу 7,5 и 10 проценти, во зависност од стапката на инфлација.
Фото: прес-материјал од настанот