Почетна
Македонија

Вандализмот на Шар Планина: околу 50 од 120 столбови за маркација уништени, спасена планинарка

Маркацијата поставена со донации од странски амбасади беше оштетена; државата ги потроши ресурсите за спасување на залутана планинарка.

·Македонија
Вандализмот на Шар Планина: околу 50 од 120 столбови за маркација уништени, спасена планинарка

Кон крајот на август, на потегот од Попова Шапка кон Титов Врв на Шар Планина беше уништена маркацијата за движење, а потоа следеше случај на планинарка која се изгуби на тој дел од планината. Државни средства и ресурси беа ангажирани за нејзиното спасување, таа беше пронајдена на друга страна од планината поради залутањето предизвикано од отсуството на маркацијата.

Маркациите ги постави организацијата „Одржливи Авантуристички Патувања“ со донации од странски амбасади, со придонес на волонтери и донатори во изградбата на потребната патна инфраструктура.

„Апелот е до сите љубители на планината, до сите посетители на планините да не ги оштетуваат маркациите. Тие се важни за безбедноста на планинарите, за посетителите на планините и најважно за развојот на туризмот, активниот туризам. Затоа внимавајте ги и чувајте ги маркациите и почитувајте ја природата“, вели Александар Богоевски.

Долгорочни штети и реакција на локалната власт

Одговорните истакнуваат дека за уништување на еден столб од маркацијата се потребни само неколку минути, додека изградбата на инфраструктурата бара месеци работа, соработка и посветеност. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, и австрискиот амбасадор Мартин Памер, заедно со раководството на Националниот парк и ски-центарот Попова Шапка, беа долж патеката за да иницираат санација на дел од нанесената штета.

„Пратија огромна порака дека сторителите на вакви вандализми ќе бидат казнувани, затоа сите заедно стоиме позади ова дека треба да се чуваат маркациите и треба да се дојавува веднаш кога ќе се види дека нешто се оштетува на планината“, додава Богоевски.

Проектот „Славков“ овозможи поставување на околу 120 метални столбови за маркација, од кои 50-тина беа уништени. Локалните власти и тимот за одржување на патеките повикуваат на пријава на вандализмот и на заедничка заштита на инфраструктурата која ја поддржува безбедноста на планинарите и развојот на туризмот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи