Почетна
Македонија

Вечерва гори на четири места во Тетовско, Ангелов вели дека пожарите се подметнати

Стојанче Ангелов вели дека четирите пожари околу Тетово се активни и дека постојат индиции за подметнување; големиот пожар кај Рамни Габер ќе се гаси и утре изутрина.

·Македонија
Вечерва гори на четири места во Тетовско, Ангелов вели дека пожарите се подметнати

Една вечер со серија пожари: Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека вечерва беа активни четири пожари во Полошката Котлина, околу Тетово, и дека според неговите информации тие се настанати со подметнување.

„Еден од пожарите се наоѓа на територијата на општина Јегуновце во атарот на село Копанце каде гори шума и ниска вегетација. Вториот е на територијата на општина Тетово во атарот на село Џепчиште каде гори ниска вегетација. Третиот е на територијата на општина Теарце во атарот на село Пршовце, каде гори ниска вегетација. Четвртиот е во општина Желино, село Чифлик, каде гори ниска вегетација и мешана шума“, изјави Ангелов.

Гориштата ќе се следат преку ноќ, гаснењето ќе продолжи утре

Ангелов информира дека пожарот во атарот на селото Рамни Габер во Општина Студеничани кај Скопје сè уште е активен и има долга линија на оган, поради што гаснењето ќе продолжи утре изутрина.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, додаде дека противпожарните екипи ќе останат на терен цела ноќ за да го заштитат селото и околните населени места.

„За жал, пожарот ќе продолжи да гори и во текот на ноќта. Линијата на огнот е доста долга. Во текот на денот дејствуваа три ер трактори. Значително го успорија но истиот не е изгаснат. Овде на лице место дејствуваа припадници на скопската Бригада за протипожарна заштита, поддржани од тимови на Дирекцијата со четири Пинцгауери“, рече Ангелов.

Тој оцени дека состојбата со пожарите на отворен простор денеска значително се влошила: попладнево имало најмалку 21 пожар на отворен простор, од кои поголем дел остануваат активни.

Ангелов посочи и дека едно од најтешките жаришта е на територијата на општина Македонски Брод кај местото Видуш во близина на село Драгов. „Утре наутро таму упатуваме модул на ДЗС составен од доброволни пожарникари кои имаат специјална обука за гасење на шумски пожари“, изјави тој, додавајќи дека пожарот не зафаќа квалитетна шума, туку карпест предел со грмушки, трње и сува трева што многу го отежнува влегувањето и гаснењето.

Тешки пожари има и на територијата на општина Студеничани над селото Моране, каде дејствуваат три ер трактори и каде скопските пожарникари се на лице место со поддршка на четири тимови на ДЗС со пинцгауери. „Активен пожар има и на територијата на општина Зелениково, над селото Страхојадица, каде и пред неколку години имаше тежок пожар. Тежок пожар имаме и во општина Кичево над село Манастирско Долненци, што му се заканува на локалниот манастир. Верувам дека локалните пожарникари ќе успеат да го спречат огнот да го зафати манастирот. Таму утре изутрина ќе упатиме дополнително засилување“, посочи Ангелов.

Фото: илустрација / Телевизија M»Net HD / Фејсбук / скриншот

Поврзани написи