Почетна
Македонија

Вечерва почнува „10 Дена Крушевска Република“ во Крушево

Со кревање на знамето на Гумење и поворка од илинденски коњаници вечерва почнуваат чествувањата за Илинден и 123-годишнината од востанието.

·Македонија
Вечерва почнува „10 Дена Крушевска Република“ во Крушево

Со кревањето на знамето на Крушевската Република на платото Гумење и со свечена програма, вечерва во Крушево почнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која се одбележуваат Илинден — Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.

Програмата започнува претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево.

Во 18 часот, пред Столбот на Крушевската Република што се наоѓа до црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, Илинденските коњаници ќе бидат пречекани и ќе се формира поворка до платото на Гумење.

„Очекуваме од 120 до 140 коњаници од повеќе места од Македонија. Посебен е пиететот да им се оддаде признание и почит на коњаниците кои ги продолжуваат илинденските традиции“ — вели Захарија Ангелеска од националната установа — Дом на културата „10 Дена Крушевска Република“.

Почит и културна програма

Делегации, како што е најавено, ќе им оддадат почит и на значајни вечни обележја: на гробот на Питу Гули на Гумење, пред споменикот на Партизанските гробишта, на гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и пред бистата на Веле Марко на Гумење.

Во 19:30 часот, пред споменикот „Илинден“, ќе биде отворена изложбата на Државниот архив „Илинденското востание во архивската меморија“. Во 20 часот на Гумење е предвидено свеченото отворање на манифестацијата, во кое се вклучени обраќање на градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче — симбол на Илинденското востание и Крушевската Република.

Покрај свечениот дел на Гумење, музичка програма ќе се одвива и во Градскиот парк во центарот на Крушево. „Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма, го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк во центарот на Крушево“ — додава Ангелеска.

Централното чествување на Илинден е најавено за утре, 2 август, на Мечкин Камен, каде на Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи