Односот со Северна Македонија влезе во центарот на бугарската предизборна дебата
Во дебатата Јотова обвини дека Петков бил на прагот да ја предаде бугарската позиција, Петков возврати со најава за судскиот спор.

Односите со Северна Македонија излегоа во прв план на предизборната дебата на бугарската јавна телевизија, откако кандидатката за претседател Илијана Јотова рече дека нема да отстапи ниту сантимар од договореното и дека постојат обиди од Скопје да се тргнат настрана дел од протоколите.
Јотова нагласи дека бугарската позиција во 2022 година била спасена во последен момент по интервенција на тогашниот претседател, а сега премиер, Румен Радев, и го обвини поранешниот премиер Кирил Петков дека бил на работ да ја предаде таа позиција.
Реакции од политичките актери
Илијана Јотова кандидатка за претседател на Бугарија : "Во моето лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантимар од договореното. И покрај тоа што Скопје прави многу сериозни обиди да тргне настрана одредени протоколи. Министерот за надворешни работи на вашата тогашна влада не излегуваше од кабинетот на господин Радев, за сите низ заедно да работиме на францускиот предлог, како впрочем и со многу колеги од кабинетот на францускиот претседател г-динот Макрон. Господин Петков беше со мене во Скопје и јас од прво лице можам да кажам како беше на секунда до тоа да ја продаде бугарската позиција."
Неговиот противкандидат, Андреј Ѓуров — поранешен технички премиер и екс-претседател на пратеничката група на „Продолжуваме со промената“ во времето на Петков — го бранеше тогашниот владин потег и посочи дека денес, откако постои францускиот предлог, критиките исчезнале и документот ужива широка поддршка.
Андреј Ѓуров кандидат за претседател на Бугарија : "Тогаш претрпевме многу напади и обвинувања дека се предава бугарскиот интерес. Сега кога веќе го имаме францускиот договор,постфактум сите партии и во Европскиот параламент, а сега слушаме и од г-ѓа Јотова, безрезервно го поддржуваат и велат дека тоа е едно добро решение за Бугарија. Факти. Фактите се дека ние сега имаме договор кои сите го поддржуваат. Вклучително и оние кои тогаш го напаѓаа."
Поранешниот премиер Кирил Петков возврати со најава за тужба, обвинувајќи ја Јотова дека во кампањата се служи со невистини и откри дека веќе се консултирал со правен тим за подготовка на тужбата.
Кирил Петков поранешен премиер на Бугарија : "За време на мојата влада успеавме бугарската позиција за Северна Македонија да стане заедничка позиција на целата Европска Унија. Госпоѓа Јотова се обиде овој неспорен бугарски успех да го претстави како национално предавство. Ова е лага што лесно може да се докаже."
Јотова дополнително оцени дека и по потпишувањето на Договорот за добрососедство немало подобрување во односите, како главни проблеми наведувајќи говор на омраза и напади врз лица со бугарско потекло — го посочи случајот со Христијан Пендиков, додека случајот со Ива Михајлова не го спомена. Двајцата водечки кандидати, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров, ќе се сретнат во вториот круг од претседателските избори в недела, на 1 ноември.
Фото: прес-материјал од настанот


