Почетна
Македонија

Андоновски: Најмалку 6 месеци до една година за прифаќање на дигитални лични документи

Министерот вели дека се мапираат членови и закони, а МВР ќе добие технолошка опрема во новите возила.

·Македонија
Андоновски: Најмалку 6 месеци до една година за прифаќање на дигитални лични документи

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека за измените на законите кои ќе овозможат полицијата да ги прифаќа дигиталните лични документи — дигитална лична карта и дигитална возачка дозвола — ќе се чека најмалку од шест месеци до една година.

Андоновски додаде дека во моментов се работи на мапирање на конкретните членови и закони што треба да се менуваат, а Министерството за внатрешни работи работи на технолошко опремување на новите возила што ги набавува за полицијата да може да изведува легитимирања на лице место.

Каков е редоследот и што треба да се смени

„Ова е процес што мора да почне, а почнува од Министерството за дигитална трансформација со формирањето на дигиталниот паричник, кој е уреден во Законот за електронските документи, член 20 г, кој утврдува кој е начинот на верификација. Од ова, како и со целиот процес на дигитализација, почнуваат промени во сите други институции. Ние веќе променивме 140 закони, кои што се однесуваат на прифаќањето електронски документи, кои бараат фотокопипи од податоци. На истиот начин ќе пристапиме и кон ова,“ рече Андоновски по отворањето на саемот „Енерготехнома 2026“.

Тој појасни дека МВР е партнер во целиот процес бидејќи од таму се влечат податоците за личната карта и возачката дозвола. Потребни се и измени во подзаконските акти на МВР кои ќе се однесуваат на изгледот и формата на документите, а со технолошко зголемување на капацитетите институциите ќе почнат да ги прифаќаат електронските документи една по една.

Андоновски наведе пример од странство: Полска ја воведе оваа алатка во 2019 година, а во 2021 година полицијата почна да прифаќа електронски документи издадени од Министерството за внатрешни работи. „Оттука, очекувам дека нам ќе ни бидат потребни најмалку од шест месеци до една година да ги завршиме неопходните измени... МВР, пак, работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, уреди за да може и припадниците на МВР да си ја завршат својата работа. Ќе почнеме и од приватниот сектор, од супермаркети, локали, барови, банки, осигурителни компании..., ова е процес што ќе треба полека да влегува во секоја институција, не е само Министерството за внатрешни работи,“ објасни министерот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи