Велешка "Кристал 1923" реагира: отфрлени од ИПАРД иако беа на две прелиминарни листи
Компанијата аплицирала за 1,5 милиони евра; на втората прелиминарна листа беше 21. од 43, но не се најде меѓу конечните добитници.

Велешкиот производител на масло за јадење „Кристал 1923“ (Маслодајна) реагира поради распределбата на средствата од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој – ИПАРД, од повикот објавен во 2024 година. Компанијата тврди дека е отфрлена од конечната листа на добитници, иако фигурирала на двете прелиминарни листи.
Од „Кристал 1923“ велат дека аплицирале за 1,5 милиони евра. На втората прелиминарна листа биле рангирани како 21. од вкупно 43 компании, но на конечната листа ги немајќи ги. Дополнително, според компанијата, меѓу добитниците се најдоа фирми кои не беа присутни на претходните листи.
Што е ИПАРД и кој управува со средствата
ИПАРД е програмата и фондот на Европската Унија наменети за модернизација на македонското земјоделство. На терен со средствата управува Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), која објавува повици, ги проверува апликациите и врши исплатите до земјоделците и фирмите.
„Не можеме да најдеме причина зошто сме отфрлени. Нè имаше и на двете прелиминарни листи, на втората и со повеќе поени бидејќи сме откупувач на сончоглед, кој потоа го преработуваме. На наше големо изненадување, на финалната листа не нè имаше. Но затоа имаше други фирми кои не беа на претходните. Првично беше објавено дека резултатите ќе бидат објавени до декември 2024 година, а повикот беше распишан на 12 јули 2024. За овие две години воопшто не добивме никаква информација за текот на постапката, што се случува, зошто се одолговлекуваше“, вели Олгица Стојанова, директорка на производство во „Кристал 1923“.
Компанијата бара објаснување за причините за исклучувањето и за долготрајното одолговлекување на процесот, оти досега нема добиено официјална информација која би објаснила зошто постои разликата помеѓу прелиминарните и конечните листи.
Фото: СДК.МК)


