Почетна
Македонија

Велковски: Зголемувањето на пензиите треба да биде 3–3,5%, точниот износ ќе се знае следната недела

Министерот Велковски вели дека следната недела ќе бидат презентирани конкретните бројки за зголемувањето кое треба да влезе во исплатата на 1 октомври.

·Македонија
Велковски: Зголемувањето на пензиите треба да биде 3–3,5%, точниот износ ќе се знае следната недела

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски рече дека точниот износ на зголемувањето на пензиите ќе биде познат следната недела и дека според досегашните пресметки тоа треба да изнесува меѓу 3 и 3,5 проценти.

Во вечерашното гостување во централниот Дневник Велковски нагласи дека се чека да заврши август за да се финализираат параметрите. „Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, рече тој.

Министерот појасни дека усогласувањето ќе се врши според актуелниот член од Законот за процентуално зголемување на пензиите, односно нема да се враќа на линеарното, рамно покачување кое беше применувано во минатите две години — кога, како што посочи, пензиите биле зголемени за 7 000 денари.

За можни дополнителни мерки, Велковски рече дека ќе се одлучува во зависност од движењето на одредени параметри. „Дали ќе има дополнителни интервенции, согласно политиките и динамиката како ќе се движат одредени параметри во државата одлуките ќе се носат дополнително. Следното (зголемување) е во март 2027 година. Дотогаш мислам дека има време“, изјави министерот.

Тој нагласи дека конкретниот процент и сумите ќе бидат објавени откако ќе се направат пресметките за да може покачувањето да влезе во исплатата на пензијата за септември која се зема на 1 октомври.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за евентуален раст од септември нагласи дека пензиите ќе растат согласно законот и ја потенцираше и судската димензија на прашањето: кога Владата линеарно ги зголемила пензиите, некои поединци охрабрени од опозициските партии поднеле иницијатива пред Уставниот суд.

„Да, тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци во позадина охрабрени од политички партии да пред Уставниот суд покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече премиерот Мицкоски.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи