Ветеринарите протестираа, сточарите бараат итна вакцинација против овчи сипаници
По протестот и средбата со директорот, е најавено потпишување анекс и продолжување на издавањето мостри; ветеринарите бараат средствата и ДДВ да се корегираат.

Ветеринарите денеска протестираа и побараа итна акција за земање мостри, навремено исплаќање за теренските активности и итна вакцинација против овчи сипаници, откако имаа средба со директорот на Агенцијата за храна и ветерство.
Што се договори по средбата
Од институциите беше соопштено дека е деблокиран процесот за земање мостри за лабораториски испитувања на ситниот и крупниот добиток и дека ќе се врши исплата на обврските за реализираните ветеринарни активности согласно програмите. Ова следуваше по денешниот протест и разговорите меѓу ветеринарите и раководството на агенцијата.
„Во текот на оваа недела, Агенцијата за храна и ветерство со Лбораторијата да склучат анекс договор и да се започне со издавање на мостри за здравствена заштита“, рече Жарко Михајловски, претседател на Ветеринарна комора на РМ.
Сточарите ја поддржаа иницијативата и побараа веднаш да почне вакцинацијата против овчи сипаници, посочувајќи дека вакцините се набавени и дека дополнително одложување ќе донесе проблеми за производството.
„Сточарите чекаат да им се јагнат овците а според регулативата во последните недели од гравидитетот не може да се даваат вакцини затоа што се штетни“, рече Насер Џемаили, сточар.
Ветеринарите нагласија дека постојано се на терен и побараа зголемување на средствата за заштита на здравјето на животните, наведувајќи дека средствата предвидени за следната година им биле намалени за трипати. „Бараме корекции на цените на ветеринарните услуги од јавен интерес, обезбедување на навремена исплата и намалување на ДДВ за ветеринарните услуги“, побара Никола Симовски преставник на ветеринарани. Тие побараа и респект кон нивното професионално искуство, преиспитување на моделот на финансирање и организација на лабораториската дијагностика и вклучување на ветеринарните друштва во дел од дијагностичките активности.
Фото: прес-материјал од настанот


