Влен ги обвинува ДУИ: две децении на власт, а непознавање на законите
Влен ги отфрла обвинувањата на ДУИ и го опишува соединувањето како фазен, законски уреден процес по локалните избори.

Партијата Влен, која е дел од владејачкото мнозинство, попладнево остро ја критикуваше Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја дека две децении била на власт фокусирана на тендери и апашлак и затоа не научила да ги почитува законите.
Во соопштение Влен ги отфрли новите обвинувања од ДУИ дека се претставува како единствен политички субјект додека други партии што ги вклучила и натаму фигурираат во Централниот регистар. Од Влен велат дека таквите тврдења се политичко обесхрабрување на процесот на соединување.
Влен појаснува дека процесот се спроведува фазно и според законот
„Откако не им помина приказната за Беса, сега се фатија за Алтернатива, а никако да откријат дали ДУИ навистина ја води Али Ахмети, Бујар Османи или Артан Груби од куќен притвор“, се вели во соопштението.
Од партијата додаваат дека Влен на локалните избори не настапила како регистрирана политичка партија, а соединувањето на повеќето субјекти е резултат на правата и обврските што произлегле од изборниот процес со победата во десет општини. „Токму затоа преминувањето на петте политички фактори во Влен како единствена партија се одвива во фази, во согласност со законите и постапките што ги налага регулативата. Тука нема никаква тајна и никаква измама. Има само законска постапка што ДУИ или не ја разбира или намерно се преправа дека не ја разбира за да произведува евтина пропаганда“, велат од Влен.
Од Влен додаваат и дека Алтернатива, Беса, Демократското движење, Алијансата за Албанците и Самоопределување ќе останат трајно во меморијата на албанскиот народ како политичките фактори што ја поразиле ДУИ. Партијата најави и дека ќе го испрати нереформираното раководство од Мала Речица во „трајна политичка пензија“.
Претходно ДУИ, повикувајќи се на документи од Централниот регистар, тврдеше дека Алтернатива и натаму фигурира како посебна партија со променет лидер и дека како нејзин претседател е запишан Зекирија Бериша. ДУИ исто така наведе дека Бериша е шеф на кабинет на првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали. Минатата недела ДУИ тврдеше и дека партијата Беса, која според Влен се фузира во нив, и понатаму се води како активен политички субјект со Билал Касами како претседател.
Фото: прес-материјал од настанот