Влезот во ЕУ нема да ги забрани казанот и свињоколот, но ќе ги уреди правилата
Регулативите од Брзл и примери од соседите покажуваат дека традицијата може да опстои, но ќе биде предмет на акцизи и правила.

При секое повторно отворање на темата за влез во Европската Унија кај нас веднаш се појавува и старата грижа: дали „казанот во дворот“ и домашниот свињокол ќе бидат протерани од правилата на ЕУ? Практиката во соседството покажува дека не станува збор за автоматска забрана, туку за јасно уредување преку закони за акцизи, хигиена и евиденција.
Практика во регионот
Хрватска, членка на ЕУ од 2013 година, ја зачува традицијата на печење ракија и домашно колење, но ја усогласи националната регулатива со европските одредби. Со Директивата на Советот на ЕУ од 2020 година државите членки добија можност да ги ослободат домаќинствата од плаќање акциза или да применат пониска стапка кога се произведува овошна ракија за сопствени потреби.
Во хрватскиот Закон за акцизи, усогласен со европското право, секое домаќинство може годишно да произведе до 50 литри ракија од сопствено овошје (вклучувајќи и земјиште земено под закуп) без плаќање акциза, без оглед на јачината на алкохолот. Таа ракија може да се служи на домаќинството и на гостите, но продажбата е строго забранета; производството над 50 литри се третира според другите даночни правила.
Прашањето за домашното колење е регулирано и на ниво на ЕУ преку Уредбата 1099/2009 за заштита на животните при колење. Домаќинствата смеат да колат здрави свињи на регистрираните стопанства за сопствени потреби, но животното мора да биде претходно зашеметено, а колењето да го врши лице со соодветна оспособеност. Месото, џимирините и сланината се за домашна употреба и нивната продажба е забранета. Во региони каде има африканска свинска чума, колењето може да бара пријавување кај овластен ветеринар најмалку 48 часа однапред или да биде привремено забрането под мерки на заштита и надзор.
Бугарија ја покажа поострата страна на усогласувањето: по влезот во ЕУ, воведувањето на акцизи и обврската за регистрација на казаните и количините предизвика масовни протести, блокади на патишта и петиции со стотици илјади потписи. Во последните неколку предлози од Софија, се предлага домаќинствата да можат да произведуваат до 30 литри ракија без акциза, но со строги ограничувања за носење и поседување на таа продукција во јавни објекти.
За Македонија тоа значи дека нема „автоматски“ прелевање на правилата од Хрватска или Бугарија. Колку литри ќе бидат ослободени од акциза, како ќе се евидентираат казаните и под кои услови ќе се одвива традиционалниот свињокол ќе зависи од домашните закони и од преговорите при усогласувањето со европските директиви. Веројатно е дека казанот и свинското за зимница нема да исчезнат преку ноќ, но домашната продукција за „себе си“ и секоја продажба на црно ќе бидат јасно и строго уредени со закон.
Фото: прес-материјал од настанот


