ВМРО-ДПМНЕ: Постапката за Алта банка е јавна и транспарентна, СДС се обидува да креира скандал каде што нема
Партијата вели дека тврдењата за тајна зделка се политички манипулации и ги повикува граѓаните да ги проверат јавните податоци.

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата на СДС и на Венко Филипче дека продажбата на Алта банка е тајна зделка, нагласувајќи дека постапката е јавна и се спроведува преку јавна аукција на Македонската берза.
Од владејачката партија велат дека опозицијата настојува да создаде скандал од редовни процедури, додека продажбата на над 95 проценти од акциите се одвива според јасно објавени правила и со јавни информации достапни за секого.
„Фактите, се следни. Продажбата на над 95 проценти од акциите се реализира преку Македонската берза, со јавно објавена постапка, утврдени правила и познати термини за аукциите. Првата аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Сите информации се јавно достапни и секој заинтересиран граѓанин може да ги провери“, се наведува во соопштението.
Во соопштението обвинуваат дека обидите да се прикаже постапката како тајна зделка се „обични политички манипулации“, и дека СДС и Филипче ширoп шират неосновани тврдења кои предизвикуваат недоверба кај граѓаните.
„СДС и Филипче без никаква одговорност и грижа на совест, само се расфрлат со разноразни лаги и обвинувања со што се обидуваат да создадат недоверба и паника кај граѓаните. Ова е веќе препознатлив и веќе виден модел на политичко дејствување на СДС, најпрво обвинувања и драматизација, а потоа молк, никаде ги нема да се извинат кога фактите ќе ја покажат вистинската состојба. Тоа што е сигурно, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи неодговорни политички конструкции да ја нарушуваат довербата во финансискиот систем. Стабилноста на банкарскиот сектор и сигурноста на граѓаните се приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволи, како во времето на СДС, банки да пропаѓаат и граѓаните да ги изгубат своите средства“, додаваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните и заинтересираните страни сами да ги проверат објавите за јавната аукција на Македонската берза, каде што стојат распоредот, почетната цена и останатите детали.
Фото: Lover of Romance / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)


