Почетна
Политика

ВМРО‑ДПМНЕ бара од Лукаревска итно да се свика продолжението на надзорната расправа за Алта банка

Пратеникот Бојан Стојаноски вели дека од СДСМ добиле известување дека нема да свикаат продолжение и најавува писмено барање од членовите на Комисијата.

·Политика
ВМРО‑ДПМНЕ бара од Лукаревска итно да се свика продолжението на надзорната расправа за Алта банка

Владејачката ВМРО‑ДПМНЕ побара од претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, итно да свика продолжение на надзорната расправа за Алта банка, која започна вчера.

Пратеникот од ВМРО‑ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека од редовите на опозицискиот СДСМ добиле известување дека нема да свикаат продолжение на седницата и додаде дека како мнозинство бараат утрешен термин за продолжување на испрашувањето на сведоците.

Стојаноски рече дека по вчерашниот собраниски настап партијата го оценила денешниот развој како неуспех и дека во текот на денот ќе биде доставено и писмено барање од една третина од членовите на Комисијата до Лукаревска со цел расправата да се продолжи.

Мнозинството инсистира на завршување и заклучоци

„По вчерашното фијаско кое самите си го приредија, денеска нè известија дека немаат намера да свикаат продолжение. Ние, како пратеничка група од мнозинството, бараме итно и неодложно, утре да биде свикано продолжението на надзорната расправа, за да можеме конечно да ја расветлиме вистината“, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.

„Сè друго е бегање од вистината, бидејќи вчера беа соочени со истата и сите можевте да видите како заврши. Ако нешто започнеме, треба да го завршиме и ние ќе направиме сè како мнозинство надзорната расправа да заврши и да се усвојат заклучоци, бидејќи тоа им го должиме на граѓаните“, додаде тој.

Стојаноски се осврна и на денешната седница за пратенички прашања на опозицијата, обвинувајќи дека во повеќе наврати се барале паузи за да јавноста не ги добие одговорите за Алта банка и други случувања, и дека тие паузи го потрошија времето предвидено за поставување прашања.

Фото: МИА

Поврзани написи