Почетна
Политика

ВМРО‑ДПМНЕ го одби барањето и амандманите на Левица за Законот за животната средина

Комисијата не ги прифати предлозите за забрана на „реконструкција“ на индустрија на помалку од 5 км и за поголемо учество на јавноста.

·Политика
ВМРО‑ДПМНЕ го одби барањето и амандманите на Левица за Законот за животната средина

ВМРО‑ДПМНЕ ги одби клучните амандмани што ги предложи Левица за Предлог‑законот за животната средина, откако претходно го одби и барањето на Левица да се повлече законот од дневен ред. Одлуките беа донесени на седницата на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, каде што мнозинството не ги прифати повеќето предлози на опозицијата.

Прифатен е само еден амандман, останатото отфрлено

Меѓу одбиените беше и барањето да остане забраната за реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја. Со одбивањето да се избрише членот 2 од Предлог‑законот, владејачкото мнозинство остави простор постојните индустриски капацитети да се доградуваат, прошируваат и преправаат под превезот на „реконструкција“, што според Левица претставува опасност за здравјето на граѓаните.

Левица поднесе пакет амандмани со кои бараше засилување на заштитата на животната средина и поголемо учество на јавноста. Предложените мерки опфаќаа:

  • Да се задржи забраната за реконструкција на Г1‑инсталации на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја.
  • Да се гарантира учеството на јавноста при одобрувањето на елаборатите за животната средина, со право на јавен увид, доставување забелешки и жалба против одлуките.
  • Да не се скратува рокот за жалба од 15 на осум дена, со што на граѓаните и еколошките организации ќе им се отежни оспорувањето на штетни проекти.
  • Да се овозможат суштински јавни консултации за студиите за оцена на влијанието врз животната средина, со соодветни рокови и задолжително вклучување на надлежните институции, без нивното молчење да се третира како согласност.
  • Да се проценуваат кумулативните влијанија на новите проекти заедно со постојните и планираните капацитети, наместо загадувањето и притисокот врз екосистемите да се разгледуваат изолирано.
  • Јавноста навремено да се информира за проектите што ја засегаат животната средина, вклучително и преку официјалните профили на институциите на социјалните мрежи.

Единствено беше прифатен амандманот на Левица за бришење на членот 13 од Предлог‑законот, со што се спречи укинувањето на законската рамка за санација на еколошките жешки точки.

Левица и експертите кои ги поддржуваат нејзините предлози оценија дека наместо да ги зајакне механизмите за заштита на граѓаните, Комисијата го одби воведувањето построги ограничувања за загадувачката индустрија, зголемена транспарентност и реален пристап до правда. Тие предупредија дека со децении народот ги трпи последиците од загадениот воздух, отровниот отпад и индустриските депонии, додека интересите на крупниот капитал остануваат заштитени.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи