ВМРО‑ДПМНЕ во одбрана на Христијан Мицкоски: СДСМ не може да сфати дека во Македонија може да се заработи чесно
Партиското соопштение ги негира критиките за Мицкоски и контраобвинува поранешни и сегашни лидери на СДСМ за незаконско богатење.

ВМРО‑ДПМНЕ го брани својот лидер Христијан Мицкоски, по остриот напад од страна на СДСМ за неговиот изглед и реторика. Во соопштението од партијата, меѓу другото, се тврди дека поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и актуелниот функционер Венкo Филипче на криминален начин дошле до станови и зграда во Дубаи, златна виза, милионска јахта во Паљури во Егејското Море, акции во индиска авиокомпанија и фирми во Бугарија.
Контраобвинувања и бран на напади
Од ВМРО‑ДПМНЕ истакнуваат дека СДСМ не може да сфати дека во Македонија може да се заработи чесно и дека добивките на Мицкоски се јавно и транспарентно видливи. Во соопштението партијата нагласува дека „Таков е примерот со претседателот Мицкоски кој јавно има стотици пати говорено за тоа како заработил во својот живот. За неговиот начин на работа ниту еден човек нема никогаш кажано дека тоа е на нечесен начин, дека заработката е преку трети лица, фирми во странство или пак местејќи тендери. Напротив можеме да слушнеме само пофални зборови за универзитетски професор, кој самите студенти го имаат признато како најдобар професор на својот факултет,“
Потоа во соопштението се посочува дека истото не може да се каже за Заев и Филипче, кои, според владејачката партија, „ја испокрале и оцрниле државата.“ ВМРО‑ДПМНЕ поставува прашање како двајцата, покрај официјалните примања како пратеници, министри или градоначалници, дошле до наведените имоти и финансиски средства.
„Местеа тендери, земаа провизии, отпишуваа резерви од државата, ја задолжуваа државата за своите џебови да ги наполнат. Ете од каде им се парите на овие криминалце. Коцевски, Абази, Русковска, Кацарска се само неколкуте нивни инфилтрирани поединци во правосудството кои ги бранат се додека можат,“ тврдат од партијата.
ВМРО‑ДПМНЕ реагираше и на критиките од СДСМ за трошоците по повод 35‑годишнината од независноста. Премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, изјави дека за настаните по повод Денот на независноста биле потрошени нула денари од државниот буџет, тврдење кое СДСМ го нарече уште една негова лага. На тоа, партијата одговори: „Знаеме дека на овој талог им пречи што забавата на Дејвид Гета чинела нула денари. Но не им пречи приватна забава во Дубаи на Харис Џиновиќ која чинела стотици илјади долари“.
Од СДСМ, пак, порачаа дека за Мицкоски „талог“ е секој што е за Европа, демократија, слобода на говор и подобар стандард и го обвинија дека власта ја користи со, како што велат, фашистички методи од времето на Ванчо Михајлов, при што го споредуваат и со политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ. СДСМ ги нарекува Мицкоски и неговите приврзаници „тендер патриоти“ кои бараат луксуз и богатење на сметка на народот.
Фото: Архива


