Почетна
Свет

Во ЕУ годинава изгореа 700.000 хектари, ЕК најавува „европски пожарникари“

Еврокомесарите најавуваат заедничко распоредување на капацитети и нов центар на Кипар поради загуби од 28,3 милијарди евра.

·Свет
Во ЕУ годинава изгореа 700.000 хектари, ЕК најавува „европски пожарникари“

Во Европската Унија годинава изгореа околу 700.000 хектари, а во 16 земји членки површината зафатена со пожари е над долгогодишниот просек, беа информирани пратениците во Европскиот парламент.

Еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, предупреди дека штетите од топлотните бранови, сушите и пожарите во ЕУ годинава веќе достигнале 28,3 милијарди евра, при што земјоделството е меѓу најпогодените сектори.

Заеднички капацитети и центар за Медитеранот

Од Брисел најавуваат нов пристап во справувањето со шумските пожари: посилно поврзување на националните служби и заедничко распоредување на капацитетите, концепт опишан како создавање „европски пожарникари“ кои ќе можат побрзо да се мобилизираат кога некоја земја ќе се соочи со големи пожари.

Само ова лето, ЕУ одговорила на 10 барања за помош од земји членки, како и на две барања надвор од Европа. Во интервенциите биле ангажирани воздушни сили 40 пати и 18 тимови на терен со вкупно 777 пожарникари од 14 европски земји.

Европската Унија во моментов располага со 18 авиони и пет хеликоптери за гасење пожари. Најавено е формирање пожарникарски центар на Кипар, наменет за медитеранскиот регион, со шест противпожарни авиони „канадери“ и капацитети за обука на пожарникари.

Од ЕУ велат дека во следниот период ќе се стави поголем акцент на превенцијата, подобрување на подготвеноста и брзо распоредување на заедничките капацитети, наместо исклучиво на реакција откако ќе избие голема природна катастрофа.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи