Во градинката „Калинка“ во Брајковци децата јаделе микробиолошки небезбедна храна
Резултатите од анализите покажуваат присуство на патогени бактерии во макарони, сирење и шпагети; преземени се прекршочни мерки.

Децата од градинката „Калинка“ во село Брајковци, Валандово, кои во јули завршија во болница поради повраќање, дијареја и стомачни проблеми, биле хранети со микробиолошки небезбедна храна.
Лабораториските анализи покажале присуство на ентеробактерии и аеробни мезофилни бактерии во макарони, додека кравјото сирење било контаминирано со Staphylococcus aureus и нејзиниот ентеротоксин. Патогената бактерија Staphylococcus aureus е утврдена и во шпагети со болонезе сос.
Проби, хоспитализации и прекршочна постапка
На 17 јули, кога шест деца од градинката биле хоспитализирани во болницата во Гевгелија, Институтот за јавно здравје, по налог на Агенцијата за храна и ветеринарство, земал четири мостри од храната. Резултатите покажале дека храната била микробиолошки небезбедна и не смее да се консумира.
Поведена е прекршочна постапка против градинката како правно лице и против директорката како одговорно лице. Изречени се и глоби поради ставање во промет небезбедна храна, кои, според достапните информации, биле платени истиот ден.
Родителите не биле информирани со месеци за тоа точно кои прехранбени производи биле контаминирани. По инцидентот објектот бил затворен, а децата во текот на летото биле префрлени во друга градинка во Валандово.
Директорката Гордана Кочева на седница на Советот на Општина Валандово изјавила дека установата не може да утврдува здравствени причини за состојбата на децата и дека контролите на хигиената во кујната и на површините каде се подготвува храната биле негативни.
На денот на инцидентот директорот на гевгелиската болница изјавил дека шест деца од истата градинка биле донесени со повраќање и дијареа. Пет од нив преноќиле и по примена инфузија биле пуштени дома, додека шестото дете останало на инфузија.
Фото: прес-материјал од настанот


