Почетна
Македонија

Во сеќавање на Јовица: Стојанчо Радичевски најави програма и кампања без навреди

Кандидатот најави патишта, канализации, градинки и дигитални услуги и повика на достоинствена и обединета кампања.

·Македонија
Во сеќавање на Јовица: Стојанчо Радичевски најави програма и кампања без навреди

Кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од ВМРО‑ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, вечерва ја претстави својата изборна програма и најави продолжување на започнатите проекти и нови инвестиции во инфраструктурата, локалната економија, образованието и дигитализацијата. Тој порача дека кампањата ќе ја води со достоинство и почит, без навреди и поделби, со фокус на иднината на општината.

На настанот, на кој присуствуваше и лидерот на ВМРО‑ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Радичевски истакна повик за достоинствена дебата и човечен пристап, спомнувајќи го и починатиот градоначалник.

Конкретни проекти и социјални мерки

Во програмата тој најави изградба, реконструкција и рехабилитација на локални патишта во Челопек, Теново, Стенче, Волковија и Блаце, а како приоритет посочи и доизградба на канализациските мрежи во Седларце, Брвеница, Челопек, Блаце и Милетино. Дополнително, најави доградба и реконструкција на општинската зграда, изградба на систем за водоснабдување во Челопек и развој на инфраструктура во индустриската зона „Брвеница“ со цел привлекување инвестиции и отворање работни места.

За помладите и за локалната економија, Радичевски најави отворање локален иновациски фонд „Млади со идеи“, бизнис‑инкубатор „Мој бизнис, моја општина“, центар за знаење и практични вештини, како и програми за поддршка на женското претприемништво и руралниот развој преку „Село со бизнис“. Тој додаде дека нема да ги занемари ниту најмладите и најстарите: изградба на нова детска градинка во Челопек, доградба на градинката во Брвеница, отворање дом за стари лица со капацитет до 50 корисници и вложувања во енергетска ефикасност и пристапност на училиштата за деца со посебни потреби.

Во полето на дигитализацијата, Радичевски најави бесплатен интернет на јавни места, платформа за е‑услуги, систем на отворени податоци и платформа „Ти си дел од процесот“ за директно граѓанско учество во одлуките. Со проектот „Твој документ – наша работа“ тој предложи дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат од дома да аплицираат за извори, дозволи и уверенија и да го следат статусот на своите барања онлајн.

Радичевски ги повика граѓаните да се обединат и да гласаат за број 1, и нагласи дека предвремените избори за градоначалник во Брвеница се закажани за 18 октомври. Изборите беа распишани откако во јуни годинава, ненадејно, почина тогашниот градоначалник Јовица Илиевски, на 58‑годишна возраст.

Во своето обраќање тој рече: "Чувствувам морална обврска оваа кампања да ја водам со достоинство, почит и човечност, како што доликува на моментот во кој се наоѓаме. Оваа кампања сакам да биде без навреди и поделби, да биде чесна трка во која зборуваме за нашата општина и нејзината иднина. Во сеќавање на Јовица, да покажеме дека и кога имаме различни ставови, можеме и треба да останеме луѓе и соседи".

Тој додаде: "За да ги реализираме сите овие проекти ми треба ваша поддршка и помош. Програмата за која ја барам вашата поддршка не е листа на ветувања, туку продолжување онаму каде што застанавме. Да ја сочуваме силата на единството и да покажеме дека сплотени и обединети ќе продолжиме да работиме заедно".

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Поврзани написи